Кога дојде аплаузот се насмеав, знаев дека сме направиле добар филм

Се викам Леона Јариќ и сум од Скопје. Од мала имам многу вивидна фантазија и секогаш сум измислувала приказни и сум ги рекреирала дали сама во соба или со другарите. Прво мислев дека ќе станам писател, па пишував многу. Потоа сакав да станам глумец затоа што глумците можат да ги испробаат сите професии, а јас сакав да одам на месечината. На 13 години додека се мачев да напишам домашна математика (немав шанси да станам  ВИСТИНСКИ астронаут), го уклучив телевизорот и видов како изгледа филмски сет и дека има еден човек кој го води сето тоа и кој дава насоки, вика АКЦИЈА! и СЕЧИ! Тоа беше режисер. Се заљубив во тоа, на прв поглед, значи постои таа љубов. Од тогаш почнав да одам на работилници, фестивали, да пишувам сценариа, да правам тимови, да снимам. Со секој снимен проект се чувствувам поисполнето и позрело, поспремно.

Трн: Како се снима филм за 48 часа?

Леона: Прво мора да си ментално спремен и брз во организација. Да знаеш дека те чекаат турбулентни часови и дека мора да ги решаваш сите попатни проблеми три чекори однапред! Ја имам таа среќа што како десна рака за луди идеи ми е  главниот актер во филмот Ѓорѓе Нешковиќ кој ме спои со другата глумица Илина Чонкова и камерманката на овој филм, Мила Макаровкса без кои и немаше да биде реализиран филмов. Мора да се има јасна идеја и да си многу  одлучен како режисер за тоа што колку и да се сложувате и да се дружите со екипата вон снимање, таа се потпира на твоите одлуки за да се „извози“ до крај филмот. Доколку јас не знам зошто снимаме на таа локација, во колку часот и колку време може да си дозволиме на тој кадар, филмот ќе се сними за 4800000000000000 години. Значи, добра екипа, јасна комуникација, секој помага, секој придонесува од опрема до реквизити, нема срам ниту страв и најбитното, да се забавуваме и експериментираме.

    Трн: Кажи ни нешто за филмот? За идејата, темата , сценариото, екипата?

    Леона: Идејата ја развив веднаш после давањето на зборчињата. Ми се појави многу апсурдна слика во главата и се решив да ја реализирам. Мислам дека ако согледаме подлабоко, сите во животот се наоѓаме во  некаков егзистенцијален јазол кој не ни дава доволно време да се соочиме со настаните туку само ни го ремети секојдневието и бараме побрзо и поефективно решение. Токму и таму мислам лежи идејата на филмот. Човекот е толку запрепастен од чудната појава на својата глава која му го ремети животот што посегнува по решение кое можеби и нема да функционира за него. Екипата е целата сила позади проектот и јас сум им бескрајно благодаран на нивната доверба во филмот и во мене, во моите чукнати идеи и целосната слобода која ја овозможува работната атмосфера. Составена од Ева Тодоровска како тонец, Мила Макаровска – камера, Илина Чонкова – актер, Ѓорѓе Нешковиќ – актер и јас како режисер. Мислам дека за секој проект засебно се гради секој workflow, но генерално секогаш заедно имаме брејнсторминг и кога и да наидеме на проблем застануваме и го решаваме заедно, сите сугерираме, сите си помагаме.

    Прочитајте и:  Македонскиот краткометражен филм „Сценариото“ на Александра Кардалевска ги освои светските филмски фестивали

    Трн: Публиката одлично го прифати филмот. Колку ти е тоа важно покрај наградата од жирито?

    Леона: Реакцијата од публиката е најбитна според мене. Филмот е општествена уметност и пред се зависи од публиката. Јас го ценам мислењето на жирито сплотено од искусни филмаџии и се надевам на нивни насоки и забелешки затоа што така се учи. Но, додека седевме и чекавме да се проектиера филмот, мене срцето ми лупаше триста на саат очекувајќи ја реакцијата на публкиката и дали ќе се насмеат. Кога дојде аплаузот, се насмеав и јас и знаев дека сме направиле добар филм.

    Трн: Втор пат учествуваш на 48 чaсовниот предизвик на„Ѕирни“. Како млада режисерка, сакаш вакви предизвици?

    Леона: Секако! Сметам дека вакви предизвици се одлични стимуланси за проверка на своето знаење и способности. За стекнување на дисциплина и работен метод, за учење и за експериментирање и дефинитивно треба да постојат повеќе вакви предизвици и настани.

    Трн: Како е да си млад студент на режија во земјава? Има ли доволно простор, платформи и места да се изразиш?

    Леона: Само што започнав да студирам филмска режија на ФДУ и само што започнав со првите часови оваа недела. Сега за сега додека траат запознавањата со професорите, настаните и задачите се ми делува доста мирно и интересно. Пополека се навикнувам на новата атмосфера и едвај чекам да започнеме со снимање и со учење. Сметам дека треба да се отворат повеќе платформи или можеби студентски филмски фондови кои ќе ни ја дадат шансата да западнеме во посериозни води и да ја видиме ѕирнеме индустријата пред да завршиме со факултетот. Иако морам да кажам дека последниве неколку години се појавија доста нови работилници и фестивали кои овозможуваат на интеграција на млади филмаџии како Центар за Интердисциплинарни Активности, Докуникулци на Македокс ( учествував ), Работилници за филм на Џифони, Работилници во Кинотека, Младински Филмски Фестивал… И ред други, сметам дека треба да има повеќе вакви настани, предизвици кои ќе ги привлечат младите да работат и можеби и да започнат свои настани.

    - Реклама -