Филипче: Премиерот има обврска да соопшти кој е планот за евроинтеграциите, прво во Собранието, а потоа и пред граѓаните

„Нашата идеја и иницијатива за собраниска седница е поради тоа што Собранието е местото каде се носат таквите одлуки. Потоа, многу најави има премиерот за некаква поддршка од некои држави за менување на Преговарачката рамка, нешто што наводно би ја подобрило нашата положба во процесот на евроинтеграциите. Но, сето тоа е некако обвиено со мистерија и не знаеме никакви детали“, рече лидерот на СДСМ

Секојдневно покажуваме конструктивност по прашањето на продолжување на евроинтегративниот пат на државата. За жал, не гледаме одговор од премиерот Христијан Мицкоски во таа насока. Ова денеска го рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, коментирајќи ги случувањата на процесот на евроинтеграциите на државата, како и барањето што пред неколку дена го упати кон премиерот Христијан Мицкоски да свика затворена собраниска седница за следните чекори на процесот.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, присуствуваше на откривање биста на Киро Глигоров, поставена во истоименото основно училиште во Скопје / Фото: Принтскрин

„Нашата идеја и иницијатива за собраниска седница е поради тоа што Собранието е местото каде се носат таквите одлуки. Потоа, многу најави има премиерот за некаква поддршка од некои држави за менување на Преговарачката рамка, нешто што наводно би ја подобрило нашата положба во процесот на евроинтеграциите. Но, сето тоа е некако обвиено со мистерија и не знаеме никакви детали“,

рече тој.

Според него, премиерот има обврска тоа да го соопшти, прво пред народните избраници во Собранието, а потоа и на граѓаните.

„Сега откако еднострано го запре евроинтегративниот пат, нешто за што нема ниту политичко право ниту етичко, туку напротив има обврска пред граѓаните да го продолжи тој пат. Жалам што неговиот министер Муртезани го демантира во неговите најави дека наводно има некаква поддршка да се донесат некакви уставни измени со одложено дејство. Самиот министер кажа дека воопшто во ЕУ во ниту една држава нема расположение за тоа. Тие конфузни изјави во Владата што оставаат впечаток дека владее бесперспективност, мора да се расчистат во Собранието“,

вели Филипче.

Лидерот на опозицијата смета дека мора да знаеме кој е планот на Владата, ако воопшто го има, како ќе го продолжиме евроинтегративниот пат.

На прашањето дали формално е поднесено барање до Собранието, Филипче посочи дека во следниот период ќе го искористат секој механизам за свикување на седница во Парламентот.

„Прво упативме повик преку медиумите. Ќе почекаме да видиме какви ќе бидат одговорите од премиерот и од Владата. Ќе го искористиме секој механизам, вклучувајќи ги и формалните механизми за свикување на седница во Собранието во следниот период“,

рече Филипче.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, минатата недела упати барање до премиерот Христијан Мицкоски да свика затворена собраниска седница на која ќе го презентира планот за следните чекори за евроинтегративниот процес.

Потоа, премиерот Христијан Мицкоски рече дека кога ќе има нови детали или барем некој напредок во односот со Бугарија, ќе ја информира опозицијата.

- Реклама -