Мицкоски: Треба да бидеме дел од европското семејство, имаме поддршка од 26 земји членки освен од источниот сосед

Според него, чудно е тоа што Бугарија го одбила предлогот на Унгарија како претседавач со Европската Унија да биде медијатор во целиот процес, иако претходно велела дека проблемот е на Унијата

Преговорите со Европската Унија нема да ни ги решат домашните проблеми. Прво треба да си ја завршиме домашната задача, а Владата е фокусирана токму на тоа, решавање на домашните проблеми и решение за ЕУ кое ќе биде предвидливо, изјави вечерва во Отворено студио „100 дена Влада“ на МРТ, премиерот Христијан Мицкоски.

Тој нагласи дека Владата сака да биде проевропска и сака да ја види државата интегрирана во рамките на ЕУ, „но не по секоја цена, туку по нормална траекторија во којашто би биле со сочувано достоинство“. За ова, рече Мицкоски, имаме поддршка од 26 земји членки.

„Треба да бидеме дел од европското семејство и тука нема дилема. Дали имаме поддршка, не од една, ние имаме поддршка од 26 земји членки и за сите тие не е важно какво ќе биде решението, туку да има решение. Освен една, тоа е нашиот источен сосед кој е сега во предизборен период. Да почекаме кој ќе биде исходот од тоа. За сите останати 26 земји членки е важно да има решение и во нив има помалку гласни и повеќе гласни поддржувачи“,

рече премиерот.

Тој додаде дека ги имаме европските фондови на располагање, но проблемот е друг, дали сакаме да си ја завршиме домашната задача.

„Ако сакаме, ќе ја завршиме и со ова сега што го имаме на располагање. Преговарањето не значи членство, туку подразбира процес во кој ние ќе го зголемуваме капацитетот на институциите и ќе добиеме поинакви вештини во рамки на администрацијата. Од нас самите зависи дали сакаме да си ја завршиме домашната задача. Ние како Влада сакаме и сме фокусирани на тоа“,

рече Мицкоски.

Според него, чудно е тоа што Бугарија го одбила предлогот на Унгарија како претседавач со Европската Унија да биде медијатор во целиот процес, иако претходно велела дека проблемот е на Унијата.

„Бугарските политичари сега викаат дека нема потреба некој да биде медијатор, ќе преговараме билатерално, а до скоро викаа дека ова е проблем на Европската Унија. Сега, кога претседавачот на ЕУ вика да седнеме на маса, велат нема потреба. Нели е тоа малку чудно и создава сомнеж и недоверба дека овој процес ќе има изгледни шанси да заврши еден ден“,

праша шефот на Владата.

Мицкоски смета дека е подобро да се преговара, отколку да не се преговара. Тој нагласи дека сето она што се случувало изминативе децении создало еден вид фрустрација кај граѓаните „и таа фрустрација денеска е огромна, затоа што оваа Преговарачка рамка нема јасна цел и светло на крајот на тунелот“.

„Сите почнале и го завршиле процесот, ние немаме таков јасен показател и параметар. Кога ќе има, и тоа би го зграпчиле. Нашиот став околу одложеното дејство не е ништо повеќе од формула која функционирала како што е Преспанскиот договор, кој велеше дека амандманите ќе станат ефективни кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за државава во НАТО.  Велат дека Преспанскиот договор бил ремек-дело на дипломатијата, ајде тогаш тоа да го реплицираме – уставните амандмани да важат кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот договор за ЕУ. Ако е тоа добро, само да го копираме и примениме“,

нагласи Мицкоски.

Тој го повтори ставот дека проблемот е вештачки создаден посочувајќи дека европските вредности немаат никаква врска со промената на името или Преамбулата на Уставот и потсети дека во Судот за човекови права во Стразбур има 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија која не може да регистрира ниту невладина организација и нула пресуди за бугарската заедница во Македoнија.

- Реклама -