Ако имате шанса да се вратите назад во времето, дали би се вратиле?

„Пред да се излади кафето“ од јапонскиот автор Тошиказу Кавагучи е роман кој поставува многу длабоки прашања за времето, изборите и животните одлуки. Приказната е поставена во мистичното кафуле „Фуникули Фуникула“ во Токио, каде посетителите имаат шанса да се вратат во минатото и да преживеат одреден момент повторно. Но, постојат строги правила кои мора да се почитуваат. Најважното од нив е – мора да се вратат во сегашноста пред кафето да се излади, инаку ќе останат засекогаш заглавени во минатото.

Оваа клучна метафора на времето и кафето, кое полека се изладува, го носи во себе длабокото значење на животните моменти кои мора да се зграбат додека се уште „топли“. Во животот, како и во кафулето, одлуките не смеат да се одлагаат. Ако ги оставиме работите да се „изладат“, ги губиме шансите и смислата на тие моменти. Тајмингот е сè – во љубовта, пријателството, работата, и во секојдневните избори кои го градат нашиот пат.

„Бев толку фокусирана на работите кои не можев да ги променам, што ја заборавив најважната работа…“

„Пред да се излади кафето“ е приказна која преку судбините на неколку жени – вљубените, мажот и жената, сестрите, мајката и детето – ни ја открива длабочината на човечките емоции. Секоја од нив се враќа назад во минатото со различна цел, знаејќи дека ништо нема да го промени сегашниот момент. Но, иако не можат да ја променат сегашноста, тие откриваат дека патувањето назад носи едно поважно сознание – како да живеат вистински во сегашноста.

„Не се работи за тоа што не можеш да го промениш, туку за тоа што можеш да научиш од тоа.“

Оваа реченица е сржта на романот. Ликовите ги учат најдлабоките животни лекции не од минатото, туку од способноста да го видат тој минат момент со нови очи. Во животот, честопати сме заглавени во она што веќе поминало, но суштината е во тоа како ќе го примениме искуството за да ги грабнеме моментите што сè уште ни стојат на располагање.

Меѓутоа, најголемата сила на романот лежи во токму тој момент кога треба да се вратиш во реалноста, пред кафето да се излади. И токму тука е мудроста – животот нема да чека. Одлуките мора да ги донесеш сега, без да дозволиш работите да се „изладат“ и да ја изгубат својата топлина и значење. Времето е истовремено најголемиот непријател и најголемиот сојузник. Ако не го искористиме моментот, тој исчезнува.

„Доброто во неговата насмевка изгледаше бесконечно..“

Приказната ме потсети на тоа дека во животот нема место за одложување. Дека треба да го цениме секој момент и секоја можност, бидејќи некогаш нема втори шанси. Животните одлуки не се нешто што може да го „оставиме за подоцна“. И исто како кафето, ако ги оставиме да се изладат, го губат својот вкус, своето значење и можноста да ни го променат животот.

На крајот, дали би ја препорачала книгата? Да, затоа што, иако е едноставно напишана, нејзината порака е силна – живеј го животот сега, бидејќи времето никого не чека.

- Реклама -