Отповикани рочиштата закажани за следната недела за убиството на Вања и Панче, еден од обвинетите е хоспитализиран

Основниот кривичен суд Скопје информира дека рочиштата за судењето за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски кои беа закажани за следната недела се отповикуваат, поради тоа што еден од обвинетите е хоспитализиран.

Судењето продолжува на следниот закажан термин на 14 октомври.

-ЈЗУ Универзитетска клиника за Нефрологија – Скопје на 02.10.2024 година го извести Основниот кривичен суд Скопје, дека притвореникот Б.В., кој е еден од обвинетите во конкретниот предмет, од КПУ Затвор Скопје е префрлен и хоспитализиран во наведената клиника заради влошена здравствена состојба. Имајќи го предвид известувањето, а заради економичност и ефикасност на постапката, расправите насрочени за 7 и 9 октомври 2024 година ќе бидат отповикани, а судењето ќе продолжи на следниот, веќе насрочен термин, на 14.10.2024 година во 10:00 часот, за што странките во постапката се веќе известени, информираат од Основен кривичен суд Скопје.

Велешанецот Боре Видевски, кој е еден од обвинетите, на почетокот на неделава беше префрлен на државната клиника. Бранителот на Видевски, адвокатот Бојан Манев, во изјава за МИА тогаш рече дека Видевски се наоѓа во тешка здравствена состојба и бил пренесен на Клиника за нефрологија.

Судењето за убиството на Панче и Вања почна на 20 септември, кога на обвинителна клупа во Основниот кривичен суд во Скопје седнаа, првообвинетиот Љупчо Палевски, како и Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.

- Реклама -