Голем напад на банда на Хаити – најмалку 11 лица загинаа, илјадници луѓе бегаат

Бандите го шират своето влијание надвор од главниот град Порт о Пренс во градот на околу 100 километри од Понт Сонде, а луѓето бегаат да бараат засолниште во крајбрежниот град Сен Марк, пишува „Нувелист“. Други медиуми објавија дека бројот на загинати би можел да изнесува десетици

Најмалку 11 лица загинаа, а десетици се повредени во напад предводен од вооружената банда Гран Гриф на Хаити во текот на ноќта, објави вчера локалниот весник „Нувелист“, а илјадници жители го напуштија градот Понт Сонде барајќи засолниште.

Бандите го шират своето влијание надвор од главниот град Порт о Пренс во градот на околу 100 километри од Понт Сонде, а луѓето бегаат да бараат засолниште во крајбрежниот град Сен Марк, пишува „Нувелист“. Други медиуми објавија дека бројот на загинати би можел да изнесува десетици.

Националната полиција на Хаити изјави за Ројтерс дека неколку луѓе се убиени и тешко ранети во нападот, без да го прецизира бројот на загинатите или повредените. Тие подоцна рекоа дека нивните агенти од тактичката единица против банди биле испратени во областа.

„Полицијата официјално доби инструкции да воспостави ред и да ги спречи сите оние кои сеат терор и предизвикуваат штета“,

соопшти Министерството за правда на Хаити.

Оттаму порачаа и дека овие злосторства нема да останат неказнети.

Членовите на бандата предводена од Лаксон Елан (36), кој беше санкциониран од ОН минатиот месец, палеа згради и убиваа луѓе на улиците, пишува Ројтерс.

Голем недостиг на храна

Понт Сонде, се наоѓа во регионот Артибонит каде што се произведува најмногу ориз. Освен главниот град, во регионот Артибонит е забележано најмногу насилство, што ја влошува кризата со глад, при што половина од населението страда од голем недостиг на храна, а илјадници во главниот град Порт о Пренс гладуваат.

Пристаништето во главниот град исто така беше затворено поради напади на банди. Бројот на внатрешно раселени лица од конфликтот оттогаш надмина 700 000. Тој речиси двојно се зголеми за шест месеци и покрај мисијата на ОН да ѝ помогне на полицијата која нема доволно ресурси за да воспостави ред.

Десетици илјади Хаиќани бегаат во Доминиканската Република од екстремно насилство и сиромаштија. Соседната Доминиканска Република во средата соопшти дека, во борбата против неконтролираната миграција, планира неделно да депортира до 10 000 мигранти без документи.

- Реклама -