Хуманитарен концерт во спомен на гостиварецот Даниел Милошески – Данче

Викендов во Скопје ќе се одржи хуманитарен концерт, во чест на 10-годишнината од смртта на еден од највлијателните и најпочитувани македонски музички менаџери и продуценти, гостиварецот Даниел Милошески – Данче.

Концертот во слава на човекот кој остави неизбришлив белег во македонската и балканската музичка индустрија е насловен „Во спомен на љубовта за Данче“, а најавен е настап на бројни музички ѕвезди од македонската музичка сцена.
Во чест на Данче и со единствена цел да се одбележи наследството што го остави, со почит и благодарност за сѐ што направи за домашната музика на 6 октомври во НОБ ќе пеат: Ареа, Агни Авшар, Ана и Стефан Петановски, Бени и Нон стоп, ДНК, Златно славејче, Кристина Арнаудова, Николче Мицевски, Поп арт бенд и Пајак и Лара.
„Неговата работа и посветеност ги поставија темелите на современата македонска музичка сцена, а неговата енергија, посветеност и неуморна работа ќе останат како инспирација за сите кои се дел од музичката индустрија. Делото и името на Данче засекогаш ќе живеат во срцата на сите што го познаваа и соработуваа со него, а нека живее и идејата да им се помогне на оние на кои им е потребна помош.“, стои во најавата на настанот, кој го организира неговото семејство, пријатели и соработници.
Комплетниот приход од концертот ќе биде дониран за здружението Асоцијација за цистична фиброза.
Влезниците се пуштени во продажба преку продажната мрежа на Мктикетс и чинат 1000 денари.
 

Извор