Бајден: Израел да одговори „пропорционално“, без напад на нуклеарни објекти во Иран

„Ќе разговараме со Израелците за тоа што да направат, но сите седум членки на Г7 се согласивме дека имаат право да одговорат, но тоа да биде пропорционално“, изјави американскиот претседател по состанокот со лидерите на Групата седум

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека нема да поддржи израелски напад врз иранските нуклеарни објекти како одговор на ракетниот напад на Техеран и го повика Израел да дејствува „пропорционално“.

Џо Бајден, претседател на САД / Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS

Ваквата изјава Бајден ја даде по координацијата со лидерите на Групата седум, во која, покрај САД, членуваат и Франција, Италија, Јапонија, Канада, Германија и Велика Британија.

„Ќе разговараме со Израелците за тоа што да направат, но сите седум членки на Г7 се согласивме дека имаат право да одговорат, но тоа да биде пропорционално“,

изјави американскиот претседател.

По состанокот на членките на Г7, Белата куќа соопшти дека лидерите недвосмислено го осудиле нападот на Иран врз Израел и дека американскиот претседател ја потврдил целосната солидарност и поддршка на САД за Израел.

Дополнително, Бајден изразил очекување дека наскоро ќе бидат објавени новите санкции на Г7 за Иран.

„Јасно е дека Иран тргна далеку од курсот“,

рече американскиот претседател, додавајќи дека наскоро ќе разговара со Нетанјаху.

Еден ден по големиот ракетен напад врз израелска територија, Иран повторно предупреди дека уште посилно ќе одговори ако Израел возврати на вчерашниот напад.

- Реклама -