Таравари е оптимист дека наскоро ќе ги продолжиме преговорите со ЕУ, а „Вреди“ ќе биде забрзувач во таа насока

„Кажавме рок од шест месеци, дека ’Вреди’ ќе направи сè да започнат преговорите. Добро е што Албанија започна, меѓутоа лошо е што ние се разделивме. Од друга страна, треба и да разбереме дека и од бугарска страна нема влада, очекуваме таму да има избори. Јас се надевам дека ние ќе изнајдеме решение и ’Вреди’ ќе биде акцелератор и тригер за да што поскоро Македонија да почне со преговорите со ЕУ. Јас, колку што знам, и премиерот е за започнување што побргу, и тој е за ЕУ како и сите што сме во Владата“, изјави денеска министерот за здравство

Коалицијата „Вреди“ инсистира дека Македонија треба да ги започне преговорите (по кластери и поглавја) со Европската Унија (ЕУ) бидејќи земјата нема друга алтернатива освен членство во Унијата, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари кој доаѓа од оваа коалиција.

Министерот за здравство, Арбен Таравари / Фото: Архива

Таравари, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Клиничката болница во Тетово, рече дека ваквата надеж ја темели на заедничкиот став во Владата во врска со ова прашање.   

Во тој контекст, министерот рече дека „Вреди“ ќе биде забрзувач Македонија што поскоро да ги продолжи преговорите со ЕУ.

„Кажавме рок од шест месеци, дека ’Вреди’ ќе направи сè да започнат преговорите. Добро е што Албанија започна, меѓутоа лошо е што ние се разделивме. Од друга страна, треба и да разбереме дека и од бугарска страна нема влада, очекуваме таму да има избори. Јас се надевам дека ние ќе изнајдеме решение и ’Вреди’ ќе биде акцелератор и тригер за да што поскоро Македонија да почне со преговорите со ЕУ. Јас, колку што знам, и премиерот е за започнување што побргу, и тој е за ЕУ како и сите што сме во Владата“,

изјави Таравари, пренесува МИА.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера, пак, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата по повод 100 дена влада, на темата околу евроинтеграциите го повтори својот став дека е подготвен да разговара, но оти нема да прифаќа диктати во врска со уставните измени кои се главна пречка што земјава не го продолжува преговорите за членство во ЕУ заедно со Албанија.

„Ние сме тие коишто апсолутно имаат аргументи, а тие се тие коишто немаат аргументи. Не е аргумент ‘тие се таму, вие сте надвор, ако сакате мора да прифатите што сакаат они’. Тоа е диктат. Јас диктати не прифаќам во животот. И тука нема цена“,

рече Мицкоски.

Претходно во своето експозе тој кажа дека може да ја уверам македонската јавност во две работи – да веруваат дека оваа влада нема да направи ништо спротивно на националните интереси и стратешките правци на граѓаните и дека како Влада нема да отстапат од втората стратешка цел, а тоа е полноправно членство во Европската Унија.

„И ако треба, ќе разговараме колку и да е потребно за да дојдеме до договор и компромис којшто е достоен“,

рече Мицкоски.

Според премиерот овие две стратешки цели може да се реализираат заедно и оти не постои конфликт помеѓу двете.

Сепак, Мицкоски на прес-конференција одбегна конкретен коментар на изјавите на првиот вицепремиер Изет Меџити, кој вели оти е убеден дека уставните измени ќе се случат до крајот на годината, и на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој во интервју за „360 степени“ рече дека во Брисел нема голема надеж за уставни измени со одложено дејство, иако идејата не се отфрла анблок.

Прашан прашање да каже како ќе изгледа надворешната политика на Македонија во однос на евроинтеграциите, сега кога сме одвоени од Албанија и оставени сами, Мицкоски одговори дека „ќе морате да се навикнете на македонски политичари кои не коленичат и кои не го виткаат „рбетот“.

На новинарска забелешка дека според неговите изјави не се гледа извесност кога би можеле да се случат уставните измени и дали за ова разговарал со коалицискиот партнер „Вреди“, Мицкоски рече дека разговараат за многу теми и дека убавината е во различностите, од кои на крајот секогаш се излегува со заеднички став.

„Секогаш и во едно семејство може да се случи да имате различно мислење, но на крајот е важно дека заедно ќе излезете од таа различност или има една многу убава максима која вели: Убавината е во различностите, но секогаш излегуваме како партнери и секогаш излегуваме со заеднички јазик“,

рече премиерот.

Премиерот Христијан Мицкоски на вчерашната прес-конфренција по повод 100 дена Влада / Фото: Принтскрин (Архива)

Да се преговара сè додека не се постигне решение, беше дел од одговорот на Мицкоски на прашањето дали може да открие конкретни детали од предлогот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за посредништво на Будимпешта во процесот на решавање на спорот, кој Софија експресно го отфрли.

Според него, решението на спорот со Бугарија е во одложеното дејство на уставните измени, односно тие да станат ефективни тогаш кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот договор со ЕУ, како што тоа беше дефинирано во Преспанскиот договор за влезот на земјата во НАТО.

„Ако се гледа Преспанскиот договор, тој е условен, уставните измени се условни. Таму си стои ќе поминат уставните измени, но тие ќе бидат ефективни тогаш кога грчкиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол на Македонија во НАТО. Го сакаме ли овој pacta, ајде да го примениме за да го решиме ова прашање. Ќе станат уставните измени ефективни тогаш кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот договор во ЕУ. Што е различно. Не можеме да имаме политика на двојни стандарди. Ако испраќаме порака дека ова е тоа, тоа е ултиматум, тоа не се европски вредности. Европски вредности е да се разговара, да се преговара сè додека не се постигне решение. И токму тоа е тоа што го понуди големиот пријател, и мој личен и на Македонија, г. Виктор Орбан. Јас прифатив, покажав конструктивност од наша страна, жалам што од кај нашиот источен сосед не прифатија. Но јас стојам на располагање, каде ќе кажат, таму, да појдеме да разговараме, колку е потребно, со часови, со денови, со недели, сè да ставиме на маса и да го решиме ова еднаш засекогаш. Но, да влеземе сега во процес којшто не ни гарантира успешен крај, нема да бидам наивен и никогаш нема да ги предадам очекувањата на граѓаните“,

изјави Мицкоски.

- Реклама -