„Пред сѐ честитки за јубилејот, пет години КСЦ Јадро. Пет години, низ кои сведочиме на специфичен, пионерски, инклузивен пристап кон интеграција на независната културна сцена, низ социјално општествениот контекст. Особена чест ми претставува, што во програмата на Маалски фестивал се најде и иницијативата ‘Рани Трудови,’ која во соработка со филмскиот режисер Јане Алтипармаков ја започнавме. Целта е приближување на македонските филмски автори и авторки кон пошироката публика. Искуствата од соработката се одлични, инспиративни и, пред сѐ, она што највеќе ме израдува – енергијата на новите генерации кои несомнено ќе го надградуваат концептот на КСЦ Јадро во иднина, создавајќи уште подобар амбиент за развој на независниот уметник и неговата публика,“ изјави режисерот Филип Херин.
Интердисциплинарниот уметник Доротеј Нешовски, кој исто така беше дел од фестивалот, нагласи: „КСЦ Јадро е концепциски отворен центар кој практикува заедништво и инклузија во уметностите и едукацијата. За мене, како уметник, многу важно е што независната сцена има простор каде што може да негува пријателство и дискусии, и да се развива во своите практики. Многу пати ми помогна во реализацијата на едукативни работилници за деца, што отвора можност за негување на најмладите со креативност. Тоа покажува голема зрелост како културна институција и социјална важност.“
Актерката и режисерка Марија Џиџева ја истакна уникатноста на просторот: „За мене, Јадро е посебно место со прекрасни луѓе со визија, каде секоја креативна идеја станува возможна. Неверојатно е дека поминаа пет години, а мојата перцепција е дека тие секогаш се барем пет години пред времето. Јадро му дава на градот модерен пулс и силен културен импулс со инспирирање креативност кај сите генерации.“
Работилницата „ОКО,“ како дел од програмата на Маалскиот фестивал, понуди поинаков пристап кон семејната комуникација преку филм. Последната работилница се фокусираше на меѓугенерациски разговори помеѓу внуци и баби и дедовци, инспирирана од првиот македонски филм „Баба Деспина“ од 1905 година. Идејата е преку филмската креативност да се гради дијалог помеѓу младите и возрасните, создавајќи нова форма на уметничка комуникација.
Со сите овие уметнички проекти, КСЦ Јадро продолжува да ја носи културната сцена на Скопје кон нови височини, со неуморна поддршка за независните уметници и нивните визии.