Русија за смртта на лидерот на Хезболах: Израел ја сноси целата одговорност за ескалацијата што ќе следува

Нарекувајќи го „уште едно политичко убиство од страна на Израел“, официјална Москва оцени оти смртта на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, речиси неизбежно ќе предизвика нов излив на насилство на Блискиот Исток

Уште едно политичко убиство извршено од Израел кој има потенцијал да повлече уште подраматични последици за Блискиот Исток, оценува официјална Москва за смртта на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах. 

„Израел дефинитивно беше свесен за оваа опасност. Сепак, го презеде овој чекор и почна да убива либански граѓани, што речиси неизбежно ќе предизвика нов излив на насилство. Затоа ја сноси целосната одговорност за ескалацијата што следува“,

велат од Министерството за надворешни работи на Русија, осудувајќи го убиството на лидерот на Хезболах.

Во соопштението објавено на веб-страницата на руското министерство, оттаму го повикуваат Израел да ги прекине воените дејствија што, како што велат, би овозможило прекин на крвопролевањето и создавање услови за политичко дипломатско решение.

Реакција за смртта на водачот на либанската милитантна група имаше и американскиот претседател Џо Бајден, кој, пак, ја оцени како „мерка за правда за неговите многубројни жртви“.

- Реклама -