Најмалку девет загинати во руски напад врз болница во Украина

Осудувајќи ги руските напади, украинскиот претседател Володимир Зеленски оцени оти Русија води војна против болниците, цивилните објекти и животите на луѓето

Најмалку девет лица загинаа во два руски воздушни напади врз болница во североисточниот регион Суми во Украина. Во нападот, кој уништи неколку катови од болницата и предизвика пожар, повредени се други 12 лица.

Болницата во пограничниот регион Суми во Украина која беше цел на руски напади / Фото: EPA-EFE/MINISTRY OF HEALTH OF UKRAINE

Украинските власти соопштија дека болницата првично била погодена утринава, а подоцна била повторно погодена кога спасувачите ги евакуирале луѓето. Според украинската национална служба за итни случаи, од објектот се евакуирани 122 лица.

Осудувајќи ги руските напади, украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалните мрежи го повика светот да „обрне внимание кои се целите на Русија “.

„Тие водат војна против болниците, цивилните објекти и животите на луѓето“,

напиша Зеленски во објава на Икс.

Регионот Суми, кој е на околу 30 километри од руската граница, во последниве недели е речиси секојдневно цел на руски напади. Болницата во Суми, како што соопштија властите во Украина, била погодена со беспилотни летала „Шахед“. Освен неколкуте катови од болницата, во нападите се оштетени и неколку станбени објекти во околината.

- Реклама -