И Блинкен и Лавров предупредуваат од ескалација на Блискиот Исток

Според САД, се уште е можно дипломатско решение на Блискиот Исток

Ентони Блинкен, државен секретар на САД

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен го потенцираше повикот за прекин на огнот во Либан и Газа, додека Израел извршува напади во Бејрут тврдејќи дека се работи за прецизирани напади врз структури на Хезболах.

„Најважно е прво да се обидеме да ги натераме двете страни да престанат да пукаат и да го искористиме времето за време на таквото примирје за да видиме дали може да се постигне поширок дипломатски договор“,

рече Блинкен на прес-конференција.

Според Американците, се уште е можно дипломатско решение на Блискиот Исток.

„Можеби во овој момент тешко е да се види дипломатскиот пат, но според нас тој е неопходен. Ќе продолжиме интензивно да работиме на тоа“,

рече Блинкен.

Тој истакна дека САД ќе ги преземат сите неопходни мерки доколку нивните интереси бидат нападнати на Блискиот Исток, каде што се разгорува насилството.

Израел вчера го бомбардираше седиштето на Хезболах во предградијата на Бејрут, а потоа изврши уште напади врз Бејрут, а пак Хезболах го нападна Израел со ракети.

Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија

Колегата на Блинкен од другата страна на светот, пак, Сергеј Лавров, предупреди дека Блискиот исток е на работ на тотална војна и побара итен прекин на огнот во Појасот Газа.

„Невидената бруталност и уништување предизвикани од војната во Газа доведоа до силна ескалација на либанско-израелскиот конфликт. Блискиот исток е на работ на тотална војна“,

рече тој на состанокот на Советот за безбедност во Њујорк.

Израелската армија синоќа соопшти дека извршила нови напади врз објектите на групата Хезболах во Либан, а претходно од воздух го гаѓала главниот воен штаб на исламистичкото движење во Бејрут.

- Реклама -