Бугарското МНР по изјавата на Николоски: Ги известивме партнерите за неиспровоцираните провокации

Во официјалното соопштение на бугарското МНР се вели дека се неприфатливи последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од официјални лица на Република Северна Македонија

Вицепремеиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчера во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското знаме на заедничката фотографија на Сиљановска-Давкова и Радев рече дека очигледно домаќинот не е цивилизиран и дека помизерни од нив се само домашните слуги

Бугарското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека ги известиле партнерите за „неиспровоцираните провокации” од функционери на Северна Македонија, чија цел, според официјална Софија, е да се наруши дијалогот.

Зградата на бугарското Министерство за надворешни работи во Софија / Фото: Принтскрин

Во официјалното соопштение на бугарското МНР се вели дека се неприфатливи последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од функционери на Република Северна Македонија и дека категорично одбиваат да се вклучат во таков неевропски тон, неспоив со доброто воспитување.

„Во врска со последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од официјални лица на Република Северна Македонија, категорично одбиваме да се вклучиме во таков неевропски, неспоив со доброто воспитување тон. Нашите партнери се известени за неиспровоцираните провокации, кои имаат за цел да го нарушат дијалогот. Уште еднаш потсетуваме дека развојот на добрососедските односи е клучен за европската иднина на Република Северна Македонија“,

се вели во соопштението на бугарското МНР.

Вицепремеиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчера во гостување на ТВ Алфа, зборувајќи за отсуството на македонското државно знаме на заедничката фотографија на претседателите Гордана Сиљановска-Давкова и Румен Радев, рече дека кога ќе дојде некој на гости, минимум што треба да покажете е пристојно однесување.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски

„Очигледно домаќинот не е цивилизиран и не е пристоен. Слободно нека пратат за ова протестна нота. Помизерни од нив се само нашиве домашни слуги, што потпишаа дека македонскиот и бугарскиот народ имаат заедничка историја, а немаат, истите што потпишаа дека македонскиот јазик е дијалектна форма на бугарскиот јазик и што потпишаа дека никогаш нема да влеземе во Европската Унија ако не прифатиме дека сме Бугари и имаме бугарски корени, сега зборуваат за патриотизам. Тоа не е само мизерно, туку е дно“,

рече Николоски.

Откако се врати во земјава, претседателката Сиљановска-Давкова во гостување на ТВ Сител рече дека доколку си заминела кога забележала дека го нема македонското државно знаме, ќе предизвикала скандал и одлучила да не го направи тоа.  

- Реклама -