Европска недела на мобилност: Изберете активен живот, движењето е здравје!

Европска недела на мобилност се одбележува секоја година од 16 до 22 септември. Кампањата има за цел промовирање промена во однесувањето во корист на активна мобилност, јавен превоз и други чисти и интелигентни транспортни решенија.

Истражувањето на Институтот за јавно здравје од 2021 год., покажало дека економската придобивка од пешачењето на 191 учесник за една година изнесува 108 808 евра и 3 предвремено спречени смртни случаи за 10 години и заштеда од 1 милион евра за истиот период.
„Физичката активност има значајни здравствено-економски придобивки. Затоа, сите општествени чинители – од ниво на граѓани, до централна власт, имаат одговорност во промовирањето на физичката активност и активната мобилност. Со инвестиции во безбедни пешачки и велосипедски зони, градските власти можат да создадат инфраструктура која поттикнува граѓаните да бидат поактивни. Изградбата на мрежи од велосипедски патеки и проширувањето на пешачките зони, не само што го зголемуваат нивото на физичка активност, туку и ја подобруваат безбедноста на учесниците во сообраќајот. Преку оваа иницијатива, централната и локалната власт можат значително да придонесат во намалување на зависноста од автомобили и да го подобрат квалитетот на животот во урбаните средини. Освен тоа, создавањето на зелени површини и зони за одмор, поттикнуваат социјална интеракција и ја зголемуваат благосостојбата на граѓаните. Инвестициите во безбедноста и удобноста на пешачките и велосипедските патеки ја поддржуваат одржливата мобилност и ги намалуваат негативните ефекти од загадувањето на животната средина.“, се вели во соопштението од ИЈЗ од каде додаваат: Движењето е здравје! Изберете активен живот за подобро здравје!
Во рамки на Европската недела на мобилност низ градовите се организира и Ден без автомобили.

Извор