Со Борис Дежуловиќ, Рене Карабаш и Ѕвездан Георгиевски се отвора 12. „ПРО-ЗА Балкан“

На првата фестивалска вечер, Дежуловиќ ќе биде во друштво со Карабаш и домашниот автор Ѕвездан Георгиевски. Со нив ќе разговараат Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.

Борис Дежуловиќ ја започнал својата новинарска кариера во 1977 година, работејќи како уредник на списанието „Омладинска искра“. Работел како новинар во „Неделна Далмација“, а потоа бил репортер и коментатор за „Слободна Далмација“. Во 1988 година, заедно со Виктор Иванчиќ и Предраг Лучиќ, го основаат сатиричниот додаток во „Неделна Далмација“, „Ферал Трибјун“, кој подоцна станува независен сатирично – политички неделник. Тој го напушта „Ферал“ во 1999 година и станува колумнист за „Глобус“ и други публикации кои ги издава „Холдинг Европа прес“. Од 2015 година пишува за „Новости“, неделниот магазин на Српскиот национален совет. Дежуловиќ, исто така, бил соработник и редовен колумнист за многу балкански регионални медиуми, од љубљанскиот словенечки дневен весник „Дневник“ и порталот N1, а пишувал и за многу други регионални медиуми.

Од страна на Хрватското новинарско здружение два пати е прогласуван за новинар на годината (и тоа во 2004 и 2022 година), а во 2014 година ја добива Европската новинарска награда за најдобар коментатор.
Тој е автор на романите „Christkind“ „Јебо сад хилјаду динара“, „Песни од Лора“, книга со кратки раскази „Подглавникова бактерија“, и романот за деца и млади „Животот и сонот на лебарката Жастомир“. Коавтор е на неколку прозни збирки и монографии, автор на сценариото за документарниот филм „Градителскиот дневник“ (2007) од Јасмила Жбаниќ. Дежуловиќ подготвил избор од неговите колумни во неколку тома и ја уредувал Антологијата на современата хрватска глупост (Библиотека Ферал трибјун, 1999) со Предраг Лучиќ, а го уредувал и Либрето на нашето мало пристаниште Миленко Смоје.

Рене Карабаш (Ирена Иванова, 1989) е писателка, сценаристка и поетеса. За нејзината главна улога во филмот „Безбожник“, таа освои голем број награди за најдобра актерка на европските фестивали: „Сребрен леопард“ во Локарно, „Алуминиумски коњ“ во Стокхолм, „Срцето на Сараево“итн. Дебитантскиот роман на Рене „Онаа што останува“ ја доби престижната книжевна награда „Елиас Канети“ и била номинирана за наградата Роман на годината и Националната книжевна награда „Перото“.
Во декември 2023 година, францускиот превод на романот од страна на Мари-Вринат Никлов беше награден со Француската ПЕН награда. Англиски извадок од насловот беше награден со наградата за превод на Gulf Coast Journal за 2023 година. „Таа што останува“ веќе е објавен на арапски, француски, полски, босански и македонски јазик, а правата се продаваат во Бразил, САД, Италија, Србија и Грција. Во тек е киноадаптација на романот. Филмот ќе се снима во 2025 година во копродукција со Албанија, Германија, Италија и Романија.
Рене е сценарист на драмската серија „Ние, брановите“, што в година ќе се прикажува на Бугарската национална телевизија. Таа е основач на „The Rabbit Hole“ – академија за креативно пишување, која ги прибира како предавачи некои од најистакнатите писатели во Бугарија.

Ѕвездан Георгиевски работел како новинар во повеќе редакции: „Нова Македонија“, „Пулс“, „Утрински весник“, „Глобус“… Еден е од основачите на „Канал 4“, првото приватно радио во Македонија. Основач е на наградата „Роман на годината“ што своевремено ја доделуваше „Утрински весник“, а сега ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Ги објавил: „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“ ( роман, „Темплум“, 2016), „Урбани топоними“ (есеи, „Темплум“ 2018), „Да не бидам покусо“ (раскази, „Просветно дело“, 2018), „Плачеш како кит“ (роман, „Бегемот“, 2023) и „Базирано врз речиси вистинити настани“ (записи, „Бегемот“ 2024). Автор е на сценарија за краткометражни и среднометражни документарни филмови за Скопје. Преведува од јазизите на некогашните југословенски републики. Во моментот работи како извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.

Гости на отворањето ќе бидат и членови на програмата „Скопје фелоушип“ – една од влијателните имиња во европското издаваштво, Катарина Луа ван Хоф, поранешна шефица на одделот за странска литература во францускиот гигант „Галимар“, еден од најистакнатите издавачки директори во Обединетите Арапски Емирати, Тамер Саид, соосновачот на грчкиот „Вакхикон“, Несторас Пулакос, кој ја издаде на грчки Лидија Димковска, претставничка од француската агенција #BAM, Лали Бернар, Јоана Јежорна-Крамаж од издавачката куќа „Познан“ од Полска, Рикардо Лопез од шпанското издаваштво „Арменија“, Катја Кац од КУД „Содобност Интернационал“ од Словенија и литературниот скаут Валерија Паолини од Италија.

На вториот фестивалски ден, на 16 септември во 13.30 часот во Бугарскиот културно-информативен центар ќе се одржи традиционалната средба на членовите на програмата „Скопје фелоушип“ со претставници на Македонската асоцијација на издавачи.
Вечерта во 20 часот во Europe House Скопје ќе се одржи тркалезна маса на тема „Литературата како форма на отпор“, на која ќе учествуваат гостите писатели, а ќе ја модерира Владимир Јанковски. Претходно, во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи средба на деца со словенечката писателка на книги за деца и адолесценти, Мајда Корен. Писателката ќе одржи средба со деца и во ООУ „Вера Циривири Трена“ во Скопје следниот ден.

На 17 септември, на гостите издавачи и литературни агенти ќе им биде претставен конкурсот на Министерство за култура за финансирање преводи на странски издавачи на Министерството за култура.
Посебна книжевна средба со Ван Хоф и Бернар е закажана во 17 часот во Француски институт во Скопје.

Наградата „Прозарт“, што фестивалот по 12. пат ја доделува на истакнат автор за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, ќе му биде врачена на српскиот писател Владимир Пиштало на затворањето на фестивалот на 17 септември. Со Пиштало, британскиот писател, филмски продуцент и актуелен претседавач на Европската филмска академија, Мајк Дауни, македонската поетеса, раскажувач, есеист, преведувач, лектор, Виолета Танчева – Златева и српскиот поет, есеист и литературен критичар, Ненад Шапоња, ќе разговараат Прокопиев и Лафазановски.

На 18 септември во Кинотека од 20 часот, во рамките на офф-програмата, ќе биде прикажан филмот „Караула“ во режија на Рајко Грлиќ, со присуство на продуцентот, Мајк Дауни со кој ќе следува разговор пред проекцијата.

Организатор на фестивалот „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Амбасадата на Србија, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, КУД Содобност, Француски институт во Скопје, Кинотеката, Амбасада на Грција, библиотеката „Браќа Миладиновци“, Стоби Винарија, СПОНА, Умно.мк и Метрика Култура.

- Реклама -