Министерката за финансии Димитриеска-Кочоска лично учествувала во синоќешните претреси во Струмица

Димитриеска-Кочоска синоќа на Фејсбук им се заблагодари на сите тимови што учествувале во координираните претреси на полицијата, УЈП и Обвинителството во неколку града. Според напишаното, таа лично учествувала во претресите во Струмица

Гордана Димитриеска-Кочоска – министерка за финансии / фото: фејсбук-профил на Гордана Димитриеска-Кочоска

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) засега не споделува нови информации за вчерашните координирани претреси на Управата за јавни приходи (УЈП), полицијата и Обвинителството.

За „360 степени“ велат дека остануваат на информациите објавени во вчерашното соопштение дека се работи за предистрага и дека соопштуваат само информации што нема да ѝ наштетат на постапката.

Според Обвинителството, претресите се поради основи на сомнение за финансиски криминал, односно даночно затајување.

„Полициски службеници, службени лица од УЈП координирано со истражители од Лабораторијата за дигитална форензика при Истражниот центар на ОЈО ГОКК, при претресите обезбедија многубројна документација и електронски записи што ќе бидат предмет на обработка и анализа со цел обезбедување материјални докази за потребите на водењето на понатамошната кривична постапка“,

соопшти ОЈО ГОКК.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска синоќа на Фејсбук им се заблагодари на сите тимови што учествувале во акцијата. Според напишаното, таа лично учествувала во претресите во Струмица, еден од градовите во кои се одвивала акцијата.

„Сакам да искажам огромна благодарност до Управата за јавни приходи и директорката Елена Петрова, а особено до колегите од Струмица и другите градови кои денес заедно со мене цел ден неуморно работеа во спроведување на акцијата во Струмица. Дел од нив директно со мене во Струмица, а дел и низ други градови на Македонија. Исто така, огромна благодарност до Министерството за внатрешни работи, Бирото за јавна безбедност и Царинската управа кои беа огромна поддршка на колегите од УЈП. Денес покажавме дека сплотениот тим е посилен од сѐ. Продолжуваме посветено и одговорно за доброто на сите!“,

напиша таа.

Според неофицијални информации, претреси се извршени на повеќе локации во фирми и домови во Скопје, Гостивар и Струмица, а на разговор во полиција се повикани управители, адвокати и нотари.

Некои медиуми објавија непотврдени информации дека се работи за афера тешка десетици милиони евра, дека акцијата е насочена кон струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов, кој важи за близок до семејството на поранешниот премиер Зоран Заев и дека при претресите биле пронајдени дијаманти и поголеми суми пари во кеш.

- Реклама -