Градоначалникот на општина Врапчиште Шабани смета дека тензиите во Галате ги направила криминална група дојдена од надвор

Проблемите и подигањето на тензии околу реконструкцијата и уредувањето на дворот на црквата Св. Петка во Галате ги предизвикаа луѓе од соседните општини, рече првиот човек на општина Врапчиште, Исен Шабани, карактеризирајќи ги како криминална група.

Оценката на градоначалникот Шабани доаѓа по случувањата изминативе два дена со полициска акција за приведување, протест, реакции и негодувања по социјалните мрежи во врска со случајот.

Градоначалникот Шабани кажа дека имал средба со секретарот на Тетовско-гостиварската епархија и од него добил информација дека лицата кои работеле околу црквата не се дел од селскиот црковен одбор на Галате.

– Зад овој чин стои некоја друга група граѓани кои го направиле овој криминален акт. На оваа криминална група им порачувам, за секој проблем, потреба, да се обратат на легален начин, бидејќи во овој случај тие извршија узурпација и демолирање на местото, рече Шабани.

Тој посочи дека во општината со која раководи, владеат соработка и соживот, а на тие што се обидуваат да внесат раскол и меѓуетнички тензии, тоа да го прават во општините од кои потекнуваат, нагласувајќи ги соседните Тетово и Гостивар.

На новинарско прашање дали досега некој поднел документи или барање за реконструкција на црквата Св. Петка која е оштетена од пожар во 2001 година или нејзино возобновување, Шабани рече дека такво нешто немало. За барањето да се стопираат работите и полициската асистенција, напомена дека тој како функционер има обврска да застане во заштита на имот од узурпација на туѓ имот.

Градоначалникот на Врапчиште, Шабани објасни дека општинската администрација од утрово работи нормално, но посочи дека има информација од МВР и обвинителството за вчерашниот инцидент, кога биле приведени две лица.

Прочитајте и:  Мицкоски апелира да не се игра на етничка и верска карта за црквата во Галате, но очекува и други такви инциденти

Од епархијата со соопштение потврдија дека архиерејскиот намесник на Гостивар протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, придружуван од епархискиот адвокат и дел од црковниот одбор оствариле средба со Шабани. Целта на средбата е да се изнајде заедничко мирно законско решение за искушението во Галате во духот на традиционално добриот меѓуверски соживот во гостиварско.

– Тетовско-гостиварската епархија силно го поддржува владеењето на правото и во таа смисла останува отворена за изнаоѓање на решение за секој проблем по законски пат, наведуваат од Гостиварско-тетовската епрахија

Од СВР Тетово информираа дека полициски службеници имале заедничка средба со претседателот на црковниот одбор на црквата „Св. Богородица” во Галате за да се избегнат дополнителни тензии.

– Полициски службеници од Отсекот за превенција при СВР Тетово во селото Галате остварија средба со В.Р., претседател на црковниот одбор и М.Д., благајник на црквата „Св. Богородица”. На средбата се разговарало за претходните случувања околу чистењето на дворот на црквата „Св. Петка”. Освен тоа беше разговарано за активностите со цел избегнување на било какви дополнителни тензии околу овој случај, како и за натамошната соработка на полицијата и граѓаните, која се базира на взаемна доверба, наведуваат од СВР Тетово.

Иако неофицијално беа најавени протести пред општинската зграда тие не започнаа, а работите на црквата на во месноста „топли извори“ во близина на селото Топлица се стопирани. Одлуката за прекин на работите ја потврдија и дело жителите на селото Галате, на кое му припаѓа црквата. Тие на синоќешниот состанок донесоа заклучок да се работи откако ќе ги добијат соодветните дозволи од општината и го осудија целиот настан и се оградуваат од целиот случај.

- Реклама -