Спејс Икс успешно ја лансираше ракетата Поларис Даун, прва приватна прошетка во вселената

Еден милијардер, еден пилот и двајца вработени во компанијата Спејс Икс (SpaceX) денеска полетаа од Флорида во мисија која треба да означи нова етапа во комерцијалното истражување на вселената – првата приватна прошетка во вселената во историјата.

„Поларис Даун полетува!“, објави компанијата на Илон Маск на мрежата Х, заедно со снимката од ракетата Фалкон 9 при полетувањето од вселенскиот центар „Кенеди“.

Полетувањето неколку пати беше одложувано во изминатите две недели, најмногу поради лошите временски услови.

Вселенската прошетка е планирана за четврток, на половина пат од петдневниот лет.

Ако се оди според планот, тоа ќе биде прва приватна вселенска прошетка, но без оддалечување од капсулата.

На вселенски прошетки, една од најризичните задачи за време на вселенските летови, заминуваат само професионални астронаути, кои и денес рутински го прават тоа на Меѓународната вселенска станица во орбитата на Земјата.

Прочитајте и:  Илон Маск: „Оптимус“ и „Сајбертрак“ на Марс до 2026 година

На прес-конференцијата пред летот, милијардерот и еден од учесниците во мисијата, Џаред Ајзакман, одби да каже колку инвестирал во летот. „Нема шанси“, рече тој.

Спејс Икс соработуваше со Ајзакман за да ги плати развојот на вселенскиот костум и другите трошоци.

„Не сум бил роден кога луѓето оделе на Месечината. Сигурно би сакал моите деца да видат како луѓето одат на Месечината и Марс и да го истражуваат Сончевиот систем”, рече 41-годишниот милијардер пред мисијата.

- Реклама -