ДУИ ќе ги поддржи измените на Законот за локална самоуправа

Законските измени ќе се најдат во Собранието в среда. За да бидат усвоени, измените треба да добијат двотретинско, но и Бадентерово мнозинство од пратениците. Ако предлог-законот не помине, тогаш во Сарај, Аеродром и Гостивар до крајот на годината ќе треба да се одржат вонредни избори за градоначалници

Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) ќе ги поддржи измените на Законот за локална самоуправа со кои се предвидува продолжување на мандатот на актуелните в.д. градоначалници во Сарај, Аеродром и Гостивар до редовните локални избори во октомври идната година, објави Телевизија 24.

Седиштето на ДУИ во Мала Речица / Фото: „360 степени“

Законските измени ќе се најдат во Собранието в среда. За да бидат усвоени, измените треба да добијат двотретинско, но и Бадентерово мнозинство од пратениците. Ако предлог-законот не помине, тогаш во Сарај, Аеродром и Гостивар до крајот на годината ќе треба да се одржат вонредни избори за градоначалници.

Предлагачи на законските измени се координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, Никола Мицевски, Халил Снопче и Бобан Карапејовски. Од ВМРО-ДПМНЕ претходно денеска порачаа оти очекуваат поддршка од сите политички партии за измените на Законот за локална самоуправа.

Инаку, пратениците од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ во јуни годинава гласаа и за Законот за реорганизација на органите на државата управа, за чие усвојување, исто така, беше потребно двотретинско мнозинство. Пред гласањето, тогаш од партијата на Мицкоски информираа дека на средба меѓу претставници на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ и „Европскиот фронт“ било договорено коалицијата предводена од ДУИ да даде поддршка за законот.

- Реклама -