Измените на Законот за локална самоуправа пред пратениците в среда, ВМРО-ДПМНЕ очекува поддршка од сите партии

Ако предлог законот не помине, тогаш во Сарај, Аеродром и Гостивар до крајот на годината ќе треба да се одржат вонредни избори за градоначалници

Измените на Законот за локална самоуправа се ставени ставени како точка на дневен ред за седницата во Собранието закажана в среда, 11 септември. Очекуваме поддршка од сите политички партии.
Ова денеска на прес-конфееренција го изјави Марија Митева, портпаролка, пратеничка и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на прашањето кога се очекува измените на Законот за локална самоуправа да стапат на дневен ред во Собранието, дали е обезбеднено двотретинско и бадентерово мнозинство и од кого се очекуваат поддршка.

Според неа, овој закон е рационален и ги намалува трошоците, па затоа очекуваат поддршка од сите партии.

„Очекуваме да се изгласа потребата од носење на овој закон, а потоа веднаш согласно Деловникот да се запазат сите процедури“,

рече таа.

Инаку, прашањето за измени во Законот за локална самоуправа се наметна откако неколку актуелни градоначалници беа избрани за пратеници во Собранието, а дел се најдоа и на списокот како предлози за министри во новата влада. 

Предлог измените на Законот за локална самоуправа пред неколку дена беа доставени во Собранието, по скратена постапка.

Предлагачи се координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, Никола Мицевски, Халил Снопче и Бобан Карапејовски. Со тоа, актуелните в.д. градоначалници ќе можат да го продолжат мандатот до редовните локални избори во 2025 година.

Ако предлог Законот не помине, тогаш во Сарај, Аеродром и Гостивар до крајот на годината ќе треба да се одржат вонредни избори за градоначалници.

- Реклама -