Честитки за Денот на независноста од САД, ЕУ, НАТО, Велика Британија, Шведска, Германија, Русија…

Најмногубројни се честитките од Соединетите Американски Држави, најмалку три – една од државниот секретар Блинкен, друга од локалната амбасада и трета од нивната дипломатска мисија во НАТО

„Од името на Соединетите Американски Држави им честитам на граѓаните на Северна Македонија на прославата на 33 годишнината од независноста“, ја почнува својата честитка американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Веднаш потоа, честита и за изборот на прва жена претседател, а додава и дека САД силно го ценат партнерството со земјата во насока на изградба на „просперитетна демократија вкотвена во евроатлантската заедница“

„Американскиот народ и народот на Северна Македонија споделуваат посветеност на демократските вредности. Со нетрпение го очекуваме продолжувањето на нашата заедничка работа кон промоција на тие вредности, зајакнување на безбедноста и стабилноста и продлабочување на економските врски во регионот. САД ќе продолжат да го поддржуваат нашиот сојузник, Северна Македонија на европскиот пат во годините што претстојат“,

Освен од Вашингтон, САД ја честиташе независноста и од Скопје. Американската амбасада објави видео во кое се појавуваат повеќе нивни службеници во земјава каде тие говорат за различни аспекти кои ги спојуваат двете држави.

Последната во низата е изјавата на американската амбасадорка во земјава, Анџела Агелер.

„На овој многу посебен ден, и се придружуваме на Северна Македононија и на сите вас, во прославата на вашиот Ден на независноста и на вашите енергични и разнолики заедници. Како и нашата независност, вашата беше тешко здобиена, со безброј жртви направени од оние кои верувале во моќта на слободата и демократијата. Денес и секогаш, ја почитуваме вашата историја, вашата сегашност и вашата светла иднина. Среќен Ден на назвисноста!“,

изјави амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер.

Трета честитка од САД стигна од нивната дипломатска мисија во НАТО. Во неа порачаа:

„Среќен Национален ден на нашите сојузници, партнери и пријатели од Северна Македонија… 30-тата земја-членка на НАТО, која се приклучи во 2020“.

Честитки стигнаа и од Европската Унија, поточно од Делегацијата на ЕУ во земјава. Нивната порака беше пократка од онаа на американските колеги:

„Честитки до сите граѓани на Северна Македонија по повод Ден на независност!“,

напишаа на профилите на социјалните мрежи.

Освен пораката, од Делегацијата споделија и неколку фотографии од одбележувањето на Денот на незавиноста на кое присуствуваше и новиот ЕУ амбасадор во земјава, Михалис Рокас, кој има грчко потекло.

Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во РСМ

Честитка стигна и од НАТО. На твитер профилот на алијансата е објавена фотографија на македонски војник со македонско знаме, а во пораката се вели:

„Ретвитнете за да ни се приклучите во прославата на Денот на независноста на нашиот сојузник Северна Македонија“.

Честитки по повод на Денот на независноста испратија и амбасадите на Шведска, на Германија и на Велика Британија. Нивни претставници беа дел од делеациите кои денеска положија цвеќе на вечните почивалишта на претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски, првиот претседател на македонската Влада Никола Кљусев како и пред Споменикот на паднатите борци од НОБ.

Честитката за Денот на независноста стигна и од Русија. На Фејсбук профилот на руската амбасада во земјава е објавено:

„На овој значаен ден пред 33 години македонските граѓани се определија за сувереноста и самостојноста на државата. Посакуваме овие принципи, кои ги оттогаш симболизира историскиот датум 8 Септември, да бидат и понатаму патоказ за македонскиот народ. Нека ви е честит Денот на независноста!“.

- Реклама -