Почина актерката Снежана Стамеска – Trn.mk

На 79 годишна возраст почина големата актерка Снежана Стамеска.

Снежана беше родена на 1 јануари 1946 година во Скопје. Таа е првенка на Драмски театар Скопје и една од ведетите на македонското глумиште.

Дипломирла на Театарската академија во Белград во 1970. Од нејзиното вработување во 1971 до пензионирањето во 2010 Стамеска беше член на ансамблот на Драмски театар Скопје.

Низ исклучително плодната актерска кариера одиграла преку седумдесет улоги во матичниот театар и на сцените на неколку други македонски театарски куќи.Таа реализираше многу значајни телевизиски и филмски улоги.

Исклучителната популарност Снежана Стамеска ја стекна во одумдесетите и деведесетите години кога публиката ја засака во улогите на Пандора во Солунски патрдии (1979), Вера во Диво месо (1979), Сина во телевизиската серија Трст виа Скопје (1987), Вера во Среќна Нова ’49 (1985), и Паца во Викенд на мртовци (1985).

Снежана Стамеска поседуваше богата актерска емоционална палета, стабилен и логичен израз, како и топол, милозвучен, убедлив глас.

Во својата повеќедецениска кариера ги доби наградите: Златен ловоров венец за најдобро актерско остварување на Фестивалот Мали и експериментални сцени (МЕСС) за улогата на Лица во претставата Ослободување на Скопје (Сараево, 1979); Награда за актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ за улогата на Вера во претставата Среќна Нова ’49 (Прилеп, 1985); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата Екран за улогата на Зоја во претставата „Зојкиниот стан“ (1987); Награда на Фестивалот Стериино позорје за најдобро актерско остварување за улогата на Мица во претставата „Сили во воздухот“ (Нови Сад, 1989); Награда за најдобро актерско остварување на ревијата „Екран“ за улогата на Ана Петровна Војницева во претставата „Платонов“ (2000); Награда „11 Октомври“ (Скопје, 2002); Награда „Климент Охридски“ (Скопје, 2005).

Во селективната театрографија на Стамеска остануваат забележени улогите: Косара (Владимир и Косара, 1971); Злата (Свадба, 1972); Анѓа (Хамлет од Долно Гаштани, 1973); Марија (Војцек, 1973); Арманда (Учени жени, 1973); Рут (Дејството на гама-зраците врз сенишните невени, 1973); Цена (Јане Задрогаз, 1974);Изабелита (Достага на самиот врв на највисоката власт, 1975); Лица (Ослободување на Скопје, 1978); Пандора (Солунски патрдии,1979); Вера (Диво месо, 1979); Вера (Среќна Нова ’49, 1985; МНТ); Паца (Викенд на мртовци, 1985); Зоја (Зојкиниот стан, 1986); Мица (Сили во воздухот, 1988); Мери (Долго патување во ноќта, 1988); Нада (Шуаби ау, 1989); Мајката/ Жената-војник/ Неда/ Кателин (Чернодрински се враќа дома, 1992); Деде Ченс (Дамите од Аламо, 1993); Дон Луј (Дон Жуан, 1994); Филомена (Кумови, 1995); Кејт (Игранка во времето на Лунаса, 1995); Мег (Злостори на срцето, 1995); Сиен (Убиј ме душичке, 1997); Марчелина (Свадбата на Фигаро, 1998); Ана Петровна Војницева (Платонов, 1999); Баба (Војцек, 2002); Бернарда (Домот на Бернарда Алба, 2004); Шарлота (Дон Жуан, 2005); Султана (Лет во место, 2005).

Стамеска имаше значајни улоги и во филмот и телевизиските серии: Коктел за четворица (1970); Кукла (1973); Жена од малтер (1979); Двојка (1980); Нели ти реков (1984); Солунски патрдии (1985); Трст виа Скопје (1987); Глас (2000).

Посмртните останки на актерката Снежана Стамеска ќе бидат изложени утре на 9 септември од 10 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.

Драмски театар Скопје дополнително ќе ја објави информацијата за денот на одржување на комеморацијата во чест на големата актерка Снежана Стамеска.

- Реклама -