Шефовите на ЦИА и МИ6 на јавен настап: Светскиот поредок е под закана која не е видена од Студената војна

Настапите на двајцата директори на светски познатите разузнавачки служби се однесуваат на неколку актуелни кризи во светот, а се во контекст на соработката меѓу Соединетите Американски Држави и Велика Британија во однос на глобалните безбедносни предизвици

Упатија пораки за Кина, Блискиот Исток и секако за Русија. Го обвинија Путин дека спроведува кампања на саботажи низ Европа

Викендов, по првпат, шефовите на разузнувачките агенции на САД и на Велика Британија, имаа заеднички настапи пред јавноста, што секако е невообичаено за нивниот профил. Директорот на американската ЦИА, Бил Барнс, и директорот на британската МИ6, Ричард Мур, објавија заедничка колумна во светски познатиот весник „Фајненшл тајмс“. Потоа, имаа заеднички настап на Фајненшл тајмс – Викенд фестивалот во Лондон.

Главната порака од настапте се наоѓа на крајот на колумната потпишана од двајцата шефови на едни од најмоќните разузнавачки агенции во светот, каде што тие порачуваат:

(во средина) Ричард Мур, директор на МИ6, (десно) Бил (Вилијам) Барнс, директор на ЦИА, фото: принтскрин

„Нема збор дека светскиот поред, балансиран систем кој доведе до релативен мир и стабилност и доведе до растечки животен стандард, можности и просперитет, е под закана на начин кој не сме го виделе уште од Студената војна“.

Русија

ЦИА и МИ6 се заедно во отпорот против наметливата Русија и војната на Путин во Украина, пишуваат Барнс и Мур. Потоа, додаваат дека ја предвиделе агресијата на Русија и дека ја предупредиле меѓународната заедница, за сите да можат да ѝ помогнат на Украина.

„Внимателно декласифициравме некои од нашите тајни, како нов и ефективен дел од овие напори. Задржувањето на курсот никогаш не бил повитален. Путин нема да успее во гаснењето на суверенитетот и независноста на Украина. Постапките на Русија се флагрантно кршење на глобалните и нормите на Обединетите нации. Ќе продолжиме да ги помагаме храбрите, одлучни украински разузнавачки партнери. Горди сме што го правиме тоа и сме восхитени од еланот, отпорноста и иновативноста на Украина“,

се вели во дел од колумната објавена во „Фајненшл тајмс“.

Конфликтот во Украина, продолжуваат Барнс и Мур, покажал дека технологијата во комбинација со исклучителната човекова храброст може да го сменат текот на една војна. Војната во Украина, велат тие, е првата од тој тип – што комбинира слободен („open source“) софтвер со најсовремена технологија од боиштето. Односно, се користат и цивили и воени сателитски снимки, дронови, високо и ниско софистицирана сајбер-технологија, социјални медиуми, летечки и копнени возила без екипаж, како и човековата интелигенција.

Но, обвининија и дека Русија спроведува кампања низ цела Европа.

„Надвор од Украина, продолжуваме да работиме заедно за да ја нарушиме непромислената кампања на саботажи низ Европа која ја води разузнавањето на Русија и нивната цинична употреба на технологијата за да шират лаги и дезинформации кои се дизајнирани за да прават раздор меѓу нас“,

Кина

Спомната само во еден параграф и тоа во средината на текстот, на прв поглед се чини дека првите разузнавачи на САД и Велика Британија не ѝ придаваат многу внимание на втората економија на светот како на Русија. Но просторот оставен за порака до раководството во Пекинг, не треба да се мери во бројот на зборови, туку во нивната тежина.

„Во 21 век, кризите не доѓаат последователно. Додека значително внимание и ресурси се распоредени против Русија, работиме заедно на други места и простори за да го пресретнеме ризикот од глобална нестабилност. И за ЦИА и за МИ6, подемот на Кина е главниот разузнавачки и геополитички предизвик во 21 век и ние ги реорганизиравме нашите служби за да одговорат на тој приоритет“,

пишуваат Барнс и Мур.

Израел

Колумната потоа нуди реченица-две за ИСИС. Шефовите на ЦИА и МИ6 велат дека борбата против тероризмот останува јадрото на партнерството меѓу двете служби.

Што се однесува до состојбата на Блискиот Исток, двајцата велат дека преку разузнавачки канали работат на деескалација.

„Нашите служби работат непрекинато за да се постигне прекин на огнот и договор за заложниците во Газа, што би можело да доведе до крај на страдањата и застрашувачкиот број на жртви меѓу палестинските цивили и да ги вратиме дома заложниците по 11 месеци од пеколното заробеништво од Хамас. Бил е лично вклучен (hand-on role) во приближувањето на учесниците во преговорите со помош на нашите пријатели од Египет и од Катар. Продолжуваме да работиме на деескалација на тензиите во регионот“,

пишува во колумната.

- Реклама -