Владата отвори нов фронт против „ИРД инженеринг“

Без огради и резерви, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски директно ја обвини компанијата „ИРД инженеринг“ дека е „лош надзор“ над изградбата на автопатите од коридорите 8 и 10-д од страна на „Бехтел и Енка“, проект кој ќе чини најмалку 1,3 милијарди евра, без парите за експропријација и проектирање. Го потсети и обвинителството дека имаат отворено предмет за начинот на изборот на фирмата за консултант и надзор над „Бехтел и Енка“

Обвинителството отвори предмет за изборот на „ИРД инженеринг“ по јавниот притисок за кој придонесоа и неколкуте истражувачки стории на „360 степени“. Откривме дека зад надзорот, кој беше претставен како европски, стојат пред сè домашни фирми како подизведувачи, од кои компанијата со најголем број инженери до скоро била фирма за шиење долна облека. Потоа, голем број од ангажираните инженери со име и презиме, кои се услов во тендерот, се испостави дека се „позајмени“ и/или веќе ангажирани на други проекти, а добитничкиот конзорциум гарантирал дека ќе бидат постојано присутни на терен

Додека беше во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше, но по денеска објавеното интервју на министерот за транспорт Александар Николоски во неделникот „Фокус“, се чини малку веројатно дека владејачката партија ќе го објави договорот со „Бехтел и Енка“, за изградба на вкупно четири делници од коридорите 8 и 10-д. Министерот вели дека не е вина на сегашната влада што јавноста не може да види како точно ќе се потрошат најмалку 1,3 милијарди евра.

Се обиделе, но не успеале да го направат договорот јавно достапен.

Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт

„За жал, претходната влада на Зоран Заев, Димитар Ковачевски и Артан Груби потпишала во договорот дека за да се декласифицира треба да се согласат двете страни. Јас само што станав министер за транспорт, побарав, но другата страна не дозволи да се декласифицира. Инаку, договорот е јавно познат, јас лично сум го извадил, бев единствен политичар во опозиција кој имаше храброст да го извади во јавност и тоа е тоа“,

рече Николоски. 

Решението на Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер со кое се задолжува ЈПДП да го достави договорот со „Бехтел и Енка“

„360 степени“ водеше своја битка за да го добие договорот. На крај, ја добивме во форма на Решение на Агенцијата за заштита на правото за пристап до информации од јавен карактер, со кое му се наложува на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) да ни го даде договорот. Под водство на претходниот директор, Ејуп Рустеми, ЈПДП одби да постапи по правосилното решение. Откако новата власт стави свој директор, Коце Трајановски, повторно ќе се обидеме да ја тестираме институцијата и да го оствариме добиеното право.

„ИРД инженеринг“

Дебатата за тоа дали договорот со „Бехтел и Енка“ треба да се објави е една работа. Друга работа е субјектот кој треба да се грижи и да внимава дека договорените 1,3 милијарди евра ќе се потрошат соодветно и дека патиштата ќе се изградат квалитетно и на време. Тој субјект е фирмата „ИРД инженеринг“, која минатата влада ја претстави како италијанска фирма со огромно искуство во надзорот на големи проекти. „ИРД инженеринг“ не беа избрани во договор во четири очи, туку на јавен повик за избор на надзор. Успеаја да победат во конзорциум со неколку домашни фирми против светски реномирани фирми, но само откако првиот тендер за истата работа пропадна бидејќи се покажа дека првично избраната фирма има сомнителни капитални врски со Русија.

Од брифингот во Министерството за политички систем за изградбата на автопатските делници од страна на „Бехтел и Енка“ (12 април 2023 г.)

Нашите истражувања покажаа дека една компанија, поточно компании на татко и син, ги поврзува и избраниот конзорциум во пропаднатиот тендер и избраниот конзорциум на „ИРД инженеринг“ во успешниот тендер. Потоа, испадна дека таа фирма до скоро шиела долна облека, а извадила лиценца за надзор откако била отворена тендерската постапка. Истата фирма навела дека има вработено десетици инженери, но тие всушност биле „позајмени“ на плус од 40-те часови што ги работеле во други фирми. А според јавно достапните документи, токму таа фирма, „Електра солушнс“, ќе треба да заврши најголем дел од работите на надзорот.

Всушност, она што беше најавувано како „странски“ надзор од Европа, се испостави дека е работа која ќе ја вршат 81 експерт од кои само пет се странци и тоа од балкански земји. Поединечните трошоци за некои од тие експерти одеа и до сума од 300 000 евра.

Како е можно фирма која немала ниту лиценца кога бил отворен тендерот, да влезе во конзорциум за надзор на најголемиот инфраструктурен проект во земјава? Ова беше едно од прашањата кои „360 степени“ своевремено ѝ ги постави на „Електра солушнс“. Од таму ни одговорија:

Логото на „Електра солушнс“ (десно)

„Во периодот од објавувањето на новата постапка за доделување на договорот за надзор (15.9.2022 година), веднаш бевме контактирани од 4 странски компании за заедничко учество на новораспишаниот тендер, поради што и се одлучивме да пристапиме кон обезбедување на потребната документација за евентуално наше здружување со некоја од нив и учество на тендерот во форма на конзорциум. Одлучивме да учествуваме на тендерот заедно со ‘ИРД инженеринг’ од Рим, Италија, а Договорот за конзорциум го потпишавме на 5.10.2022 година (по добивањето на лиценца А за надзорот)“, 

одговорија од „Електра солушнс“ за „360 степени“.

Од „Електра солушнс“ додадоа и дека фирмата не е без искуство, туку дека успешно работи веќе 21 година. Документите од Централниот регистар покажуваат дека тоа е точно, но дека во најголем дел од своето постоење компанијата за главна дејност имала – производство на долна облека, па кратко давала услуги во врска со информатичка технологија, пред да се вклучи во градежништво.

ЦЕЛОСНИОТ ОДГОВОР НА „ЕЛЕКТРА СОЛУШНС“ МОЖЕТЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ НА ОВОЈ ЛИНК.

Во интервјуто за неделникот „Фокус“, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски потсети дека мора да се истражи како конзорциумот на „ИРД инженеринг“, во кој е и „Електра солушнс“ го доби тендерот за надзор, кој патем чинеше 22,3 милиони евра без ДДВ, во конкуренција на фирми за надзор од САД и од Франција.

„Се уште стојам зад тоа што го зборував во опозиција дека има многу лош надзор. Надзорот треба да е заштита на државата, но не е никаква заштита. Носител на надзорот е компанијата ИРД. Ве повикувам вас, како истражувачко новинарство да ја проверите. Зошто? Се работи за компанија која номинално е од Италија, но во Италија има нула евра обрт, односно не работи ништо во Италија. Најголем дел од обртот и е во Македонија и во Молдавија. И, случајно, директор во Македонија на таа компанија е поранешен вработен во моето министерство, што ќе се согласите дека во најмала рака е судир на интереси. Тоа е компанија која наплаќа 30 000 евра по месец за експерт, 25 000 евра по месец за експерт“,

вели Николоски за „Фокус“.

Но, Николоски не застана тука. Го прошири „обвинението“ за „ИРД инженеринг“ и на други проекти. Прашан, дали фирмата е параван зад кој стои капитал од трета земја, тој за „Фокус“ вели:

Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт

„Тоа треба да го провери Обвинителството, но јас како претставник на државата не сум задоволен што надзорот работи за нас. Еве, ќе отворам уште една работа. Истата оваа ИРД има добиено преку Светска банка средства за изградба на т.н. мултимодуларен комплекс кај Трубарево, каде што се спојуваат двете железници на коридорите 8 и 10-д. Само за да изработат физибилити студија и идејно решение како тоа да изгледа во иднина, а се сведува на предлог да се потпише јавно-приватно партнерство, што во Македонија е автопат за злоупотреба на службената положба и овластување, добиваат некаде 800 000 евра. Ова се бројни прашања околу оваа компанија кои сметам дека треба да се отворат во јавноста“,

изјави Александар Николоски.

Ова не се први критики од актуелната власт на сметка на „ИРД инженеринг“. Но, и покрај тоа, компанијата останува надзор во сите проекти во кои е ангажирана од страна на државата.

Доколку „ИРД инженеринг“ навистина не си ја врши работата или ја врши лошо, има одредби кои предвидуваат раскинување на договорот. Додека вербално Владата тврди дека надзорот не си ја работи работата, не е познато дека и формално е постапка за прекин на соработката.

- Реклама -