Дождот на „испомош“ во Мариово откако се расипаа речиси сите воздухоплови против пожари

Расипани се два од вкупно три авиони за гаснење пожар „ертрактор“, а неисправни се и два полициски хеликоптери кои учествуваа во борбата со пожарите

Пожарот во Мариово, според Центарот за управување со кризи, беше најкомплициран. Но дождот помогнал во неговото гаснење

Попладневниот дожд кој падна во делови на земјата помогна во гаснењето на пожарот во прилепско Мариово. А токму тој пожар, претходно во денот, беше означен за најкомплициран на територијата на државата од вкупно девет активни.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кажа дека во Мариово уште од утрото гаснеле најмалку двесте лица.

Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи

„Рано утрово таму се упатени 100 припадници на армијата, 25 припадници на полициските специјалци ‘Тигри’, 30 вработени во ‘Национални шуми’, како и два тима од Дирекцијата за заштита и спасување со повеќе од 25 лица. На терен се и прилепските пожарникари, а помош има и од пожарните од околните градови“,

рече Ангелов.

Далеку попесимистички беа оценките за пожарот во Мариово пред само неколку часа. Началникот на кризниот штаб, Борче Јовчески, изјави дека фокусот е на населените места каде што будно се внимава огнот да не дојде до нив, а силите главно се концентрирани на четири до пет критични локации.  

Сега, тонот можеби е посмирен, но останува истиот проблем – снема воздухоплови за гаснење од воздух.

„Околу 10 часот во гаснењето на пожарот помогна и еден ‘ертрактор’ на ДЗС. За жал, другите два се неисправни и не можат да летаат. Истото се случува и со двата полициски хеликоптера кои се неисправни, но оптимисти сме дека во текот на утрешниот ден големиот полициски хеликоптер ќе биде функционален и ќе можеме да го користиме во текот на утрешниот ден“,

рече Ангелов.

Воздухопловите ќе бидат потребни затоа што сè уште има поголеми пожари. Од ЦУК ги истакнуваат оние кај Дервен, селото Смолане, општина Долнени и во скопско Катланово.

Пожар во Мариово, фото: МИА

Според Ангелов, пожарот кај Катланово е активен од вчера бидејќи тежок е теренот за гасење, но немало закана по куќите.

- Реклама -