Ердоган повика на исламски сојуз против „растечкиот експанзионизам“ на Израел

Повикот доаѓа на крајот на неделата во која турскиот претседател го угости својот египетски колега во обид да ги надминат разликите, а со кого имаше нарушени односи повеќе од една деценија

Поводот, пак, за таквата идеја на Ердоган е смртта на турско-американска државјанка која беше убиена деновиве при протести во Израел

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги повика исламските држави да направат сојуз против, како што ја нарече „растечката закана од експанзионизам“ од Израел. Изјавата доаѓа отако вчера беше убиена американско-турска државјанка за време на протести против изградба на нови израелски населби во Западниот Брег, на која според палестинските и турските власти пукале израелските сили.

Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција, фото: EPA-EFE/STR

„Единствениот чекор кој ќе ја запре израелската ароганција, бандитизам и израелскиот државен тероризам е сојуз на исламски држави“,

изјави Ердоган, пренесува „Тајмс оф Израел“.

Според Ердоган, неодамнешните чекори кои Турција ги презела во насока на подобрување на односите со Сирија и со Египет се насочени кон формирање на „линија на солидарност“ против заканата од експанзионизам, за која вели дека ги доведува во опасност и Либан и Сирија.

Ердоган неделава му беше домаќин на египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси во Анкара. Разговарале за војната во Газа, но и за подобрување на билатералните односи кои до скоро беа замрзнати. Ердоган го нарекуваше ал-Сиси „брутален диктатор“, затоа што во 2013 година го собори од власт демократски избраниот претседател на Египет, Мохамед Мурси, кој пак беше водач на Муслиманското братство и сојузник на Ердоган.

Врските помеѓу двете земји почнаа да се обновуваат во 2020 година, кога Турција иницираше дипломатски обид за да се намалат тензиите со регионалните ривали, вклучувајќи ги и Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија.

- Реклама -