Бигорски со покана до верниците за главната манастирска слава

Бигорскиот манастир, традиционално ќе го одбележи патрониот празник, „Отсекување на главата на Свети Јован Крстител“ и по тој повод, Свештената бигорска  Обител ги поканува верниците на заедничка прослава на главната манастирска слава.

Одбележувањето започнува на 10 септември (вторник) во 18 часот со празнична Вечерна богослужба, на која ќе претстои Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Во текот на богослужбата, тројца членови од братството ќе бидат вброени кон рамноангелскиот монашки чин.
Во среда, 11 септември, денот на патронот, во 7:30 часот ќе почне утрената богослужбa. Во 8:45 часот ќе бидат дочекани Архиереите Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Епископот Антаниски г. Партениј.
Во 9 часот ќе почне Света архиерејска Златоустова Литургија, по што ќе бидат осветени темелите на новата манастирска гробишна црква со костурница, посветена на Св. Наум Охридски
„Славното Бигорско Светилиште, кое низ вековите било и останало гордост и пофалба на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата на народот. Затоа, да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно Светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на Светиот Претеча“, стои во објавата.
Ја имаме големата чест и радост, се додава, во името на Христовиот Пророк и Крстител, да ги поканиме сите благочестиви Христијани и почитувачи на свештеното дело на Свети Јован, да се присоединат кон неговото големо торжество.
„Тој, во денот на својот најголем празник – Усекновение на неговата чесна глава, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и преку неговите свети мошти што се чуваат во нашиот Манастир, ги слуша и исполнува молитвите на оние што со љубов и вера го повикуваат. Тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите што ревносно го чествуваат неговиот спомен. Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас“, посакуваат од Свештената бигорска Обител.
Ова македонско древно светилиште е основано во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин и пред четири години го одблежа големиот јубилеј 1000 години од основањето.
По традиција се очекува масовно, неколкуилјадно присуство на верници од многу градови во земјава.

Извор