Пожарот во Мариовско и натаму активен, но и најкритичен во државата

И покрај вознемиреноста на граѓаните, како што попладнево изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, не постои ризик по ниту едно село од околината. Во случај огнените јазици да се приближат до некое од селата, како што рече Ангелов, професионалците на терен ќе вложат напори селата да не бидат доведени во опасност

Преку 30 километри достигна огнената линија од пожарот во Мариовско, кој е активен веќе шести ден, без знаци на смирување. На терен се над 200 професионалци кои превенираат ширење на огнот кон населените места.

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, информира дека пожарот во Мариовско во моментов е најтешкиот пожар во државата и предизвикува голема вознемиреност кај граѓаните.

„Рано утрово таму испративме 100 припадници на Армијата, 25 полициски специјалци, 40-ина вработени во ‘Национални шуми’, како и повеќе од 40 пожарникари кои се поддршка на локалните прилепски пожарникари“,

информира Ангелов во попладневната видеоизјава.

На гасење на огнот во Мариовско, како што информира првиот човек на ЦУК, денеска дејствувале и два „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Додава дека и покрај вознемиреноста на граѓаните, не постои ризик по ниту едно село од околината. Во случај огнените јазици да се приближат до некое од селата, како што рече Ангелов, професионалците на терен ќе вложат напори селата да не бидат доведени во опасност.

Во пожарот главно се зафатени трева и нискостеблести растенија.

- Реклама -