Моја цел е да ѝ помогнам на С Македонија да оди напред, порачал новиот евроамбасадор на средбата со Сиљановска-Давкова

Новиот шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава истакнал оти Унијата е подготвена да ја придружува државата и новата Влада, институциите и граѓанското општество на патот кон натамошна европска интеграција, додавајќи дека се надеваат оти наскоро преговорите и реформите би можеле да станат процеси кои меѓусебно ќе се зајакнуваат

Моја цел е да ѝ помогнам на Северна Македонија да оди напред и да направи видливи чекори на патот кон заедничката определба за членство во Европската Унија. Ова, меѓу другото, денеска го порачал новоназначениот шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава, амбасадорот Микалис Рокас, за време на церемонијата на предавање на акредитивните писма до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Новиот амабасадор на ЕУ, Микалис Рокас, на средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Рокас истакнал оти ЕУ е подготвена да ја придружува државата и новата Влада, институциите и граѓанското општество на патот кон натамошна европска интеграција, додавајќи дека се надеваат оти наскоро преговорите и реформите би можеле да станат процеси кои меѓусебно ќе се зајакнуваат.

„И двата процеси се предизвикувачки за вашата Влада и за јавната администрација. Остануваме подготвени да ја обезбедиме сета неопходна помош за зајакнување на институциите преку нашиот претпристапен инструмент, ИПА. Подготвени сме за отворен дијалог, да слушаме, да советуваме и заедно да изнаоѓаме решенија. Очекувам да соработувам со Вас, Ваша Екселенцијо, со парламентот, со Владата и со сите други чинители на граѓанското општество“,

порачал евроамбасадорот Рокас за време на предавањето на акредитивите.

Истакнал дека ќе ги застапува вредностите на ЕУ, почитувањето на човековите права и владеењето на правото, како и заложбите за мир и на принципите на меѓународното право. 

Од средбата на новиот евроамбасадор Микалис Рокас и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

За време на церемонијата на примопредавање на акредитивните писма на новиот евроамбасадор, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова порачала дека како држава во ЕУ гледаме клучен поддржувач, партнер и пријател во справувањето со многуте предизвици. 

Истакнала дека и по повеќе од три децении од осамостојувањето, стремежот за полноправно членство во Унијата продолжува да биде важен општествен двигател и значаен фактор на кохезија за огромното мнозинство македонски граѓани. Изразила уверување дека со поддршка од ЕУ, земјава може да напредува и во последната фаза од својот пат кон целосна европска интеграција, со забрзано темпо и без никакви пречки.

Од средбата на новиот евроамбасадор Микалис Рокас и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

„Низ годините донесовме храбри и многу тешки одлуки во интерес на иднината на нашите граѓани и на државата. Направивме многу за да се доближиме до потребните европски стандарди, да преземеме значаен дел од законодавството на ЕУ и да изградиме ефикасни административни и правосудни капацитети. Притоа, останавме докажан партнер од доверба за Унијата, како од аспект на реформите, така и преку нашиот придонес во справувањето со многуте заеднички предизвици“,

додала претседателката.

Грчкиот дипломат Михалис Рокас е новиот шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава – функција која досега ја извршуваше Дејвид Гир. Рокас во Северна Македонија доаѓа од Малезија, каде што бил на должноста амбасадор на ЕУ и шеф на Делегацијата на Унијата од декември 2020 година.

- Реклама -