Три деца со петарди го предизвикале пожарот во Расадникот во скопска Кисела Вода, потврди МВР

Од Министерството денеска информираа дека Секторот за внатрешни работи Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднел кривична пријава против еден од малолетниците кој е на 14-годишна возраст, додека другите две деца, бидејќи немаат наполнето 14 години, не подлежат на кривична одговорност

Министерството за внатрешни работи денеска официјално потврди дека три деца се осомничени дека го предизвикале пожарот во Расадникот во Кисела Вода кој зафати површина од околу три хектари и предизвика вознемиреност кај скопјани.

Од гаснењето на пожарот во Расадникот во Кисела Вода / Фото: ЦУК

Децата пожарот го предизвикале со пиротехнички средства кои ги фрлиле на местото, по што пламнала сувата трева и дошло до ширење на огнот.

Од Министерството денеска информираа дека Секторот за внатрешни работи Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје поднел кривична пријава против еден од малолетниците кој е на 14-годишна возраст, додека другите две деца, бидејќи немаат наполнето 14 години, не подлежат на кривична одговорност.

„На 06.09.2024 СВР Скопје до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против 14-годишен малолетник за сторено кривично дело предизвикување општа опасност, предвидено и казниво по член 288 од Кривичниот законик (КЗ). Имено, пријавениот, заедно со уште две деца кои не наполниле 14 години и не подлежат на кривична одговорност, на 03.09.2024 околу 15 часот во местото викано Расадник, на територија на Општина Кисела Вода во Скопје, фрлале пиротехнички средства кои претходно ги запалиле со запалка, по што се запалила сувата трева и настанал пожар кој зафатил површина  од околу три хектари“,

информираат од Министерството за внатрешни работи.

Дека деца го предизвикале пожарот во Расадникот вчера во изјава за медиумите кажа и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

„Се работи за сериозна информација. Не е шпекулација. Станува збор за тројца малолетници коишто живеат во непосредна близина на местото. Знаете, понекогаш нечија детска игра може да предизвика сериозна штета и фала на Бога што таму немаме материјална штета, немаме човечки жртви, што е многу важно“,

изјави Ѓорѓиевски.

Пожарот во Расадникот во Кисела Вода поради силната огнена линија која се ширеше во повеќе насоки и густиот облак од чад што се издигаше од местото, предизвика паника меѓу скопјани.

Чадот кој се издигаше од местото на пожарот / Фото: „360 степени“

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, кој беше на местото, повикувајќи на смиреност кај граѓаните, рече дека пожарот е невообичаен за Скопје и го оцени како шумски пожар во урбана средина.

Во гаснењето на пожарот беа вклучени 15 пожарникари со осум противпожарни возила. Поради површината што била зафатена, командирот на скопската противпожарна бригада Звонко Томевски во изјава за „360 степени“ рече дека имале потреба од поголема количина на вода за гаснење на пожарот за што на помош им биле пратени две цистерни на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

По интервенцијата на противпожарните екипи огнот уште истиот ден беше ставен под контрола, а потоа и целосно изгаснат.

- Реклама -