Судскиот совет го усвои извештајот за постапувањето на Кривичен во случајот со Блерим Рамадани

„Комисијата е формирана само за утврдување на фактичката состојба во конкретните предмети и од таа причина не е даден никакво предлог, ниту лично или субјективно мислење на членовите на Комисијата. Само утврдувавме факти, тоа беше и задолжението кога се формира оваа Комисија од страна на Судскиот совет. Ако имавме таков предлог сигурно дека извештајот ќе содржеше и предлог од наша страна, односно ако имавме таква задача од Судскиот совет“, рече членот на Советот, Александар Камбовски кој беше дел од комисијата која беше формира да го испита случајот со бегството на поранешниот припадник на ОВК

Работната група во рамките на истиот извештај ја констатира и ситуацијата со одлуките на Кривичен за спогодбите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) со сега веќе поранешниот врховен судија Наке Георгиев и доскорешниот член на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети во врска со случајот за примање поткуп

Едногласно, со 12 гласа „за“ членовите на Судскиот совет на денешната итна седница го усвоија извештајот на работната група во врска со одлуките на Основниот кривичен суд Скопје за екстрадицискиот притвор на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани кој му беше заменет со куќен, по што тој побегна.  

Од денешната итна седница на Судскиот совет / Фото: Принтскрин

Работната група во рамките на истиот извештај ја констатира и ситуацијата со одлуките на Кривичен за спогодбите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) со сега веќе поранешниот врховен судија Наке Георгиев и доскорешниот член на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети во врска со случајот за примање поткуп.  

Извештајот пред своите колеги во Советот во кратки црти го елаборираше Александар Камбовски. За предметот со Блерим Рамадани, тој наведе дека судијата на претходна постапка во решението за определувањето на куќниот притвор дал исти причини за ваквата мерка, како и претходно кога определил мерка притвор. Во решението, како што наведе Камбовски, судијата, чие име не беше споменато на седницата, не го определил начинот на кој надлежните секторски единици на Министерството за внатрешни работи (МВР) ќе го вршат надзорот.  

„Во првиот предмет кој се однесуваше за определување на екстрадициски притвор судијата на претходна постапка по земањето на изјава од лицето чија екстрадиција се бара во која тоа лице дало согласност за есктрадиција во скратена постапка повторно го сослушало тоа лице и констатирал дека тоа лице ја повлекло согланоста. Исто така во овој предмет судијата на претходна постапка донел решени со кој определил мерка куќен притвор во кое дал причини, меѓутоа не различни од оние кои што ги дал при определувањето на мерката притвор, ниту пак во тоа решение определил начини на извршување на надзорот од страна на МВР СВР Скопје ПС ОН Чаир“,

рече Камбовски.

Инаку, според изјавите на владини преставници и пишувањата во медиумите одлуката на Блерим Рамадани да му биде заменет активниот со куќен притвор ја донел судијата Пајазит Пајазити.    

„Додека во останатите два предмети кои се однесуваат на склучените спогодби помеѓу Основното обвинителство и обвинетите согласно Законот за кривични постапка судиите е потребно, односно се должни да утврдат дали прибавените докази за фактите важни за избор и одмерување на кривичната санкција го оправдуваат или не го оправдуваат изрекувањето на предложената кривична санкција. И во двата случаи, односно во двата предмети воопшто не се дадени причини на овие околности“,

рече Камбовски. 

Извештајот за утврдување на фактичката состојба, како што посочи тој, Комисијата се трудела да го изготви во најскоро можно време, а во интерес на јавноста и во интерес на самиот правосуден систем. Притоа напомена дека тој е потпишан од него како координатор за Основниот кривичен суд и од членот на Комисијата Павлина Црвенковска, но не и од другиот член, Ханиф Зендели.  

Членовите на Судскиот совет кои земаа збор во расправата по извештајот, немаа забелешки за тоа како е сработен извештајот во делот на утврдувањето на фактичката состојба во предметите, но дел од нив се осврнаа на заклучокот, односно дека нема предлог што понатаму.   

„Констатирана е фактичката состојба за постапувањето на судијата. Јас би сакала да продискутираме за заклучокот. Тоа е заклучок за констатираната состојба. Како комисија имаме ли предлог што во ваков случај, затоа што е повеќе од очигледно од констатираното, што сте констатирале и во ред е по мене тоа, меѓутоа што во вакво случај, обично имаме предлог-заклучоци“,

рече членката на Судскиот совет, Тања Чачарова-Илиевска. 

Спротивен став имаше нејзината колешка Антоанета Димовска, која рече дека иако во претходните извештаи имало предлог-заклучоци, сепак тоа не е правило врежано во камен.  

Одговарајќи на забелешката на Чачарова-Илиевска, Камбовски посочи дека комисијата е формирана само за утврдување на фактичката состојба во конкретните предмети, односно дека само утврдувале факти.   

„Комисијата е формирана само за утврдување на фактичката состојба во конкретните предмети и од таа причина не е даден никакво предлог, ниту лично или субјективно мислење на членовите на Комисијата. Само утврдувавме факти, тоа беше и задолжението кога се формира оваа Комисија од страна на Судскиот совет. Ако имавме таков предлог сигурно дека извештајот ќе содржеше и предлог од наша страна, односно ако имавме таква задача од Судскиот совет“,

рече тој.  

Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева и нејзиниот заменик, Ханиф Зендели / Фото: Принтскрин

Неговиот колега Ивица Николовски, пак, осврнувајќи се на делот од извештајот за екстрадициската постапка на Блерим Рамадани рече дека за случајот очекувал аргументирана одлука од Врховниот суд, како највисок суд во државата за тоа дали постапката за екстрадиција била основана или не.   

„Ние сега се наоѓаме во една ситуација – немаме одговор дали постапката за екстрадиција е основна или неоснована. Мислам дека во конкретниот случај Врховниот суд како највисок суд составен од тројца искусни судии требаше да даде одговор и сметам дека со неговиот одговор преточен во одлука многу ќе ни помогнеше и на нас во иднина како по овој случај“,

рече Николовски.  

Во врска со спогодбите на Обвинителството со Наке Георгиев и Иџет Мемети кои Основниот кривичен суд ги прифати, Николовски рече оти според, него, во случајот целата одговорност не може да се префрли на судството

„Јас како член на Судскиот совет не можам да прифатам целосна одговорност на судиите во услови кога застапникот на јавниот интерес, застапникот на државата, па и застапникот на граѓаните предлага условна осуда. Не ја заборавам улогата и одговорноста на судијата во оценување на предлог спогодбата, но не можеме целата одговорност да ја отфрлиме или прифатиме како судство, затоа што претставникот на јавниот интерес вели дека ќе бидам среќен ќе бидам задоволен и со ваквиот предлог граѓаните исто ќе бидат задоволни“,

рече Николовски.  

Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, која е член на Судскиот совет по службена должност без право на глас, кажа дека Советот за казниви дела при Врховниот суд постапувал во согласност со законот. 

Членката на Комисијата, Павлина Црвековска наведе дека предлог-заклучоците коишто ги подготвиле се врз основа на утврдената фактичка состојба по предметите во коишто извршиле увид и, како што додаде, без да прејудицира, смета дека се доволна основа за евентуално понатамошно постапување.  

Судскиот совет на итна седница одржана на 16 август донесе одлука за формирање на специјална комисија која треба да ја констатира фактичката состојба во однос на одлуките кои Основниот кривичен суд Скопје ги донел непосредно пред бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово, Блерим Рамадани.

Што се однесува до судијата Наке Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, тие откако беа осомничени за примање поткуп за да извршат влијание во предмет кој се водеше против ексградоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев признаа вина и склучија спогодби со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Георгиев со спогоди за затворска казна од три години, додека Мемети доби условна казна од една година, која нема да се изврши доколку во рок од три години не стори ново кривично дело.

 

- Реклама -