Лансиран европски сателит кој ќе го следи „здравјето“ на Земјата

Arianespace ја лансираше последната ракета Вега и го постави сателитот Sentinel-2C во орбитата како дел од програмата на Европската унија „Коперникус“ за следење на животната средина на Земјата.

Тенката ракета со еден труп, која нема странични засилувачи, за разлика од поголемите летала, полета на 4 септември од базата во Француска Гвајана во 22:50 часот по локално време.

Со ова лансирање завршува 12-годишната кариера на малата ракета дизајнирана од италијанската компанија „Авио“. Се заменува со ажурираната Vega C, која треба да се врати во употреба подоцна оваа година.

Сателитот Sentinel-2C, изграден од Airbus Defense & Space, ќе го замени Sentinel-2A, кој е дел од пар сателити кои работат во рамките на програмата Коперникус.

Ќе се користи за проучување на уништувањето на шумите, урбаниот развој и итни случаи како што се пожари, поплави или вулкански ерупции, изјави пред новинарите пред лансирањето Мауро Фахини, шеф на единицата Коперникус во Европската комисија.

Европската вселенска агенција, која е партнер на ЕУ во проектот, вели дека Коперникус е најголемата светска мисија за набљудување на животната средина.

Заедничката цел на шесте семејства на сателити Сентинел е да ги читаат „виталните знаци“ на планетата, од јаглерод диоксид до височините на брановите или температурите на копното и океаните.

Сателитските снимки од Sentiel-2 од 2022 година ја истакнаа големата штета од сушата во италијанската долина По.

Извор: Н1

- Реклама -