Стопанската комора со ново писмо до Мицкоски – го повлекуваат првото со кое бараа измени во Законот за нефер трговски практики

Во него, како што објави телевизија Телма, се вели дека по дополнителните консултации со домашните производители на прехранбени производи тие сметаат дека со Законот на најдобар начин ќе се уредат правилата и мерките за спречување на наметнувањето на нефер трговски практики кои отстапуваат од доброто трговско однесување

Стопанската комора на Северна Македонија испратила ново писмо до премиерот Христијан Мицкоски во кое велат дека го повлекуваат првото со кое бараа да се избришат одредени делови и пролонгирање на примената на Законот за нефер трговски практики со кој се ограничуваат профитните маржи на трговците, објави вечерва телевизија Телма.  

Дел од новото писмо на Стопанската комора на Северна Македонија до премиерот Мицкоски / Фото: Принтскрин од видео-прилог на ТВ Телма

Во него, како што наведува телевизијата, се вели дека по дополнителните консултации со домашните производители на прехранбени производи тие сметаат дека со Законот на најдобар начин ќе се уредат правилата и мерките за спречување на наметнувањето на нефер трговски практики кои отстапуваат од доброто трговско однесување. 

„Домашните производители на храна очекуваат дека со Законот ќе се прецизираат постапките за утврдување на нефер трговски практики и дека ќе се подобри соработката на надлежните органи за спречување на нефер трговски практики“,

се вели во новото писмо од Стопанската комора. 

Премиерот Мицкоски денеска одговорајќи на новинарско прашање рече дека уште не го добил (првото) писмо од Стопанската комора, во кое нејзиниот претседател, Бранко Азески, како што објави вчера Телма, на четири страници му сугерира на премиерот што не чини во документот. 

На новинарското прашање дали со писмото од Стопанската комора би можело да се издејствува пролонгирање на рокот за приспособување на Законот за нефер трговски практики, премиерот смета дека доколку постојат објективни пречки или причини, одложување на приспособувањето за некоја недела не е проблем, само да биде законот имплементиран како што треба. 

Инаку, во првото писмо од Азески до премиерот стои дека во ЕУ субјектите на пазарот имаат повеќе простор да се адаптираат на новините. Како проблем што го потенцира Азески во писмото е периодот на прилагодување на новото законско решение, односно тоа што некои измени треба да се случат во период кога не е завршена календарската година. 

Законот за забрана на нефер трговски практики се донесе во март. Со него се очекуваше намалување на цените на прехранбените производи. Паралелно се состави и листа со над 2 500 производи чии маржи не треба да бидат поголеми од 10 отсто. Претходно Стопанската комора бараше во овој документ да бидат ставени и производите кои се со ДДВ од пет отсто. 

- Реклама -