Пожарите на планините Мукос и Бабуна го загадија воздухот во Велес

Актуелните пожари во велешко, на планините Мукос и Бабуна во Општина Чашка, како и ветрот што непрекинато дува во изминативе три дена, го загадија воздухот во Велес, иако се на 20- тина и повеќе километри од градот. Мерните инструменти на Министерството за животна средина покажуваат високи вредности на ПМ 10 честичките во воздухот, дури и до четири пати повисоки од максимално дозволените 50 мг/м3, соопштија попладнево од Општина Велес.

Појаснуваат дека сите ресурси се вклучени во гаснење на пожарите и дека се прават натчовечки напори да се стават под контрола.

Општина Велес ја следи состојбата и е во постојана координација со Центарот за управување со кризи и Територијалната противпожарна единица.

Прочитајте и:  Апел на Прилеп до сопствениците на имоти во мариовското село Крушевица да појдат да ги бранат од пожарот

Од општината  апелираат  до граѓаните да се воздржат од неаргументирани коментари на социјалните мрежи, а  доколку можат да престојуваат во затворени простори и да не излегуваат  на отворено без потреба.

Воздухот во Велес е посебно загаден навечер и наутро, мириса на изгорено, што кај некои граѓани предизвикува кашлање и проблеми со дишењето.

- Реклама -