Лукаревска: Ако државните службеници во УЈП не добиеја договори за даночни, можев и кривично да одговарам

„Вработените во УЈП мораа да добијат нови договори согласно имените на Законот за УЈП. Целиот процес е воден со посебна работна група, со цел тим за функционална анализа, со почитување на законски рокови. Преку целиот процес се боревме ниту едно работничко право да не биде скратено“, вели поранешната директорка во УЈП

Вработените во Управата за јавни приходи мораа да добијат нови договори согласно измените на Законот за УЈП. Со тоа што ги префрливме државните во даночни службеници решивме голем проблем. Во спротивно можеа да тужат, а јас како работодавач можев и кривично да одговарам дека не постапувам согласно Законот. Ова денеска го изјави поранешната директорка на УЈП, Сања Лукаревска, коментирајќи ја изјавата на сегашната директорка на УЈП, Елена Петрова, која посочи дека процесите на поништување на старите и склучување нови договори со сите вработени во УЈП се одвивале во текот на изборниот процес.

„Вработените во УЈП мораа да добијат нови договори согласно измените на Законот за УЈП. Целиот процес е воден со посебна работна група, со цел тим за функционална анализа, со почитување на законски рокови. Преку целиот процес се боревме ниту едно работничко право да не биде скратено“,

вели таа.

Според неа, со овие нови договори вработените не добиле никакво унапредување, туку само она што им следувало со Закон и дека затоа и не е прекршен Изборниот законик.

„Одлуката, согласно Законот за УЈП, се донесе на 12 февруари кога ја потпиша тогашниот министер за информатичко општество и јавна администрација. Ние сме многу обемна институција и во самата одлука беше наведено дека во рок од еден месец ќе ги поделиме новите договори за вработување на сите службеници“,

рече Лукаревска.

Очекува дека ќе се најде соодветно решение со кое вработените нема да мораат да враќаат пари.

Елена Петрова, директорката на УЈП, пред два дена на прес-конференција ја обвини својата претходничка Сања Лукаревска за носење незаконски одлука и акти, за кои смета дека сега направиле хаос во работењето на институцијата.

„Во претходниот период претходната директорка на УЈП донела одлука и акти што се незаконски и поради кои сега внатре имаме хаос во организирањето на некои работни процеси и сме соочени со исправање на последиците. Незаконитоста и формално правните неправилности ги констатираат и Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот инспекторат за труд“,

рече Петрова.

Посочи дека процесите на поништување на старите и склучување нови договори со сите вработени во УЈП се одвивале во текот на изборниот процес. Оваа настаната ситуација можела и да се избегне, според неа, доколку сите овие секако задоцнети процеси се спроведувале во законскиот рок.

- Реклама -