Африм Гаши останува претседател на Собранието – интерпелацијата не доби поддршка од пратениците

На гласањето му претходеше целодневна расправа која на моменти наликуваше на директна пресметка меѓу пратениците на Левица и на коалицијата „Вреди“ на која ѝ припаѓа и Гаши

Со 72 гласа „против“, 21 „за“ и ниту еден „воздржан“, пратениците вечерва не го прифатија предлогот за интерпелација на претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој беше поднесен од пратениците на Левица.

„За“ предлогот гласаа пратениците од пратеничката група на СДСМ и коалицијата, како и претставниците во законодавниот дом од партијата Левица.

„Против“ овој предлог беа пратениците од владејачкото мнозинство.

На гласањето му претходеше целодневна расправа која на моменти наликуваше на директна пресметка меѓу пратениците на Левица и на коалицијата „Вреди“ на која ѝ припаѓа и Гаши.

Тие главно се судираа во ставовите дали барањето Гаши да се отстрани од функцијата има законска и уставна основа, како што образложуваа пратениците на Левица, или е мотивирана од, како што тврдеа членовите на коалицијата на Гаши, „националистички и антиалбански позиции“.

На почетокот на седницата спикерот Гаши интерпелацијата за својата работа рече дека не е против него, туку против верската припадност на претседателот на Собранието.

Според него, интерпелацијата иако изгледа правно формулирана, таа е чисто политички мотивирана и самиот текст е преполн со исламофобија и албанофобија.

Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, образложувајќи ги причините за поднесената интерпелација, рече дека ја темелеле на седум точки, но иако во меѓувреме сторил уште три-четири скандали, за „свадба на Косово“ и пеењето „шота на 2 Август“, како што нагласи, ќе остави да зборува премиерот Христијан Мицкоски. 

Интерпелацијата, како што појасни Апасиев, се заснова на направена повреда на начелото на секуларност – со верскиот обред на исламската заедница во Собранието, на дипломатските правила за обезбедување на ВИП-личности – со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка, на употребата на македонскиот јазик – при давањето на свечената изјава, на правилата за употреба на државното знаме, грб и химна, на начелото на инкомпатибилност на функциите – со неконстатирање престанок на мандат на пратеникот Талат Џафери, на законските и етичките одредби за антинепотизам – присуството на сопругата на Гаши во државната делегација во Вашингтон и за повреда на деловничките одредби за нормална работа на пратениците. 

- Реклама -