Разумот надвладеа над предрасудите и пропагандата, вели Гаши откако ја „преживеа“ интерпелацијата

Во Собранието вечерва, по целодневна расправа, се гласаше за интерпелација за претседателот на законодавниот дом, Африм Гаши. Пратениците со 21 гласа „за“ и 72 „против“, без ниту еден „воздржан“, не дадоа поддршка за предлогот на Левица

Уште еднаш разумот надвладеа над предрасудите и пропагандата. Вака претседателот на Собранието, Африм Гаши, ја коментира денешната одлука на пратениците да не го прифатат предлогот за неговата смена што го поднесоа од партијата Левица.

Гаши, во објава на неговиот фејсбук-профил им се заблагодари на пратениците што денеска учествувале во дебатата од собраниската говорница и дале одговор на оваа интерпелација.

„Им се заблагодарувам на сите пратеници кои денес учествуваа на оваа интерпелација, кои дискутираа и реплицираа и кои со нивниот слободен и демократски глас и дадоа одговор на оваа интерпелација“,

пишува Гаши.

Исто така, Гаши упатува благодарност и до сите „други кои денес ја дадоа нивната поддршка на било каков начин“.

„Продолжуваме со истата посветеност кон задачата“,

се вели на крајот од објавата на Гаши.

Во Собранието вечерва, по целодневна расправа, се гласаше за интерпелација за претседателот на законодавниот дом Африм Гаши. Пратениците со 21 гласа „за“ и 72 „против“, без ниту еден „воздржан“, не дадоа поддршка за предлогот на Левица.

Против интерпелацијата гласаа пратениците од парламентарното мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движење ЗНАМ – за наша Македонија. Поддршка дадоа иницијаторите Левица и СДСМ.

- Реклама -