Раководството на МАНУ дава поддршка за барањата на вработените и апелира на трпеливост до нивно решавање

Од МАНУ упатуваат апел до членовите на Синдикатот да бидат трпеливи и да причекаат почнатите иницијативи, чие натамошно постапување не е во надлежност на МАНУ, туку на Законодавниот дом, да вродат со плод, односно да се изнајде начин за нивелирање на платите во соработка со Владата и со Собранието на државата

Раководството на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) дава поддршка за барањата на вработените кои денеска повторно го активираа штрајкот и бараат покачување на нивните плати.

Од МАНУ, преку соопштение, велат дека даваат безрезервна поддршка и се грижат за решавање на проблемот со ниските плати на вработените.

„Новото раководство, во текот на последните шест месеци, во два наврата, има поднесено иницијативи до Републичкото собрание за донесување законско системско решение за усогласување на платите со оние во УКИМ и во другите државни универзитети и научни институции, со цел конечно да се прекине дискриминацијата на вработените во МАНУ во однос на нивните ниски лични доходи“,

се додава во соопштението од МАНУ.

Оттаму посочуваат дека Претседателството има донесено одлука за изработка на колективен договор, со што досега, во 60-годишното постоење на институцијата како буџетски корисник на прва линија, не располагала.

Раководството на МАНУ упатува апел до членовите на Синдикатот да бидат трпеливи и да почекаат почнатите иницијативи да вродат со плод.

„Членовите на Синдикатот да бидат трпеливи и да причекаат почнатите иницијативи, чие натамошно постапување не е во надлежност на МАНУ, туку на Законодавниот дом, да вродат со плод, односно да се изнајде начин за нивелирање на платите во соработка со Владата и со Собранието на државата“,

се додава во соопштението од каде упатуваат замолница до Синдикатот штрајкот да се одвива во согласност со постојната законска регулатива.

Дел од вработените во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска повторно го активираа штрајкот што го почнаа лани во февруари, а го ставија во мирување еден месец подоцна.

Станува збор за 36 вработени кои ќе штрајкуваат во текот на целото работно време и нема да извршуваат никакви работни задачи, а ќе работи само архивата за прием на пошта.

Причината, како што информираше претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски, е неисполнетото барање за покачување на платите на вработените, за што лани беше потпишана спогодба која требаше да се реализира до 31 декември истата година.

Тој апелира барањето на вработените кои штрајкуваат да го слушнат и другите надлежни институции во државата и да помогнат во решавањето на проблемот, а особено, додаде Деаноски, тоа се однесува на Собранието, кое е основач на МАНУ.

- Реклама -