Приказните за виленици беа за деца додека не се појави Толкин

Џон Роналд Ројел Толкин беше англиски писател, лингвист, професор по јазици, а најпознат по своето ремек-дело „Господарот на прстените“. Неговата приказна од „Средната земја“ не е само уште еден успешен роман, туку дело со кое комплетно ја трансформираше фантастиката како жанр, поради што денес Толкин е нарекуван татко на модерната фантастика.

Роден е на 3 јануари 1892 година во Јужна Африка. Не требало трајно да се пресели во Англија, но додека бил таму да го посети семејството, му починал таткото, па мајка му одлучила да останат за нејзините родители да ѝ помагаат со децата.

Две страсти ги дефинирале неговите школски денови – едната е љубовта кон Бог и католицизмот, а другата е пишувањето. Втората љубов станала и предмет на неговото професионално усовршување со запишување на студии по книжевност.

Во 1937 година, Толкин го започнал проектот по кој стана познат. „Господарот на прстените“ е дело во кое Толкин целосно се вложил. Сакал да креира нов свет полн со локации, со своја историја и култура. Изградил свет во кој постојат повеќе јазици, а поучен од лингвистиката успеал да го објасни развојот на секој од нив и покрај тоа што не постојат.

Книгата, сепак, не станала славна преку ноќ. Требало да поминат речиси 15 години за неговото име да стане популарно. Во почетокот „Господарот на прстените“ го читале само Британција, а од 1960тите години книгата е преведена на многу европски јазици и започнува да се продава и да остварува профит во САД.

Толкин починал на денешен ден во 1973 година, но неговото наследство е актуелно и денес. „Господарот на прстените“ остана присутен во популарната култура се до преминот на новиот век, кога следеа и филмските адаптации. По излегувањето на филмовите, Толкин стана име кое го знаат сите и кое е нераздвојно од модерната фантастика.

Неговото креирање на нови светови, јазици и култура и псоветеноста на детали инспирале многу автори. Жанрот фантастика излезе од алтернативата и пополека стана мејнстрим. Толкин е заслужен за популарноста на фантастиката денес, кога сите може да ужваат во приказните за виленици, џуџиња, орки и чудни светови, нешто што пред 50 години беше резервирано само за децата.

Денес секој автор на фантастични романи ќе го наведе Толкин како своја инспирација, а најпознатиот меѓу нив веројатно е Џорџ Р.Р. Мартин. Во својата приказна „Песна на мраз и оган“, тој го користи најдоброто од Толкин, а потоа внесува свежина со реализам, што го прави на еден начин Толкин на модерното време.

Извор: Индекс.хр

- Реклама -