Автобус удрил во група луѓе во Кина – најмалку 11 загинати, од кои пет се ученици

Според првичните информации, автобусот удрил во ученици и нивни родители додека стоеле пред влезот на училиште во градот Таиан

Најмалку 11 лица загинале, од кои петмина учениици, откако училишен автобус удрил во група луѓе во кинеската провинција Шандонг, јавуваат тамошните државни медиуми, пренесува Би-би-си.  

Возило на кинеската полиција (Илустративна фотографија) / Фото: Википедија

Во инцидентот се повредени уште неколку лица, чиј прецизен број не се наведува, но според извештаите едно се наоѓа во критична состојба.  

Според првичните информации, автобусот удрил во ученици и нивни родители додека стоеле пред влезот на училиште во градот Таиан.  

Кинеските државни медиуми, според Би-би-си, објавуваат дека возачот изгубил контрола над возилата и удрил во нив. 

Тој бил веднаш приведен, а полицијата ги истражува причините за инцидентот. Засега останува нејасно дали возачот намерно удрил во учениците и нивните родители.  

„Досега загинаа вкупно 11 лица загинаа, од кои шест родители и пет ученици“,

соопштиле кинеските државни медиуми.  

Од повредените, како што се наведува, дванаесет се во стабилна состојба.  

Од фотографиите и видеата кои се споделуваат на социјалните мрежи може да се види како луѓето се заробени под возилото.

Инцидентот се случува само неколку дена откако учениците во Кина се вратија на училиште за почетокот на новата академска година.  

Според Би-би-си, смртоносните сообраќајни несреќи се честа појава во Кина. Во јули оваа година, полицијата соопшти дека возило удрило во група пешаци во централниот град Чангша, при што загинале осум лица, а неколку други биле повредени. 

- Реклама -