Трамп: Имав апсолутно право да се мешам во претседателските избори во 2020 година

Федералното обвинение се однесува на тоа дека Трамп дека ги измамил Соединетите Американски Држави со тоа што го спречил Конгресот да ја потврди победата на Бајден и им го одзел на гласачите нивното право на фер избори

Поранешниот американски претседател и претседателски кандидат на Репубиканската партија за изборите во ноември, Доналд Трамп, кој се соочува со федерални и државни обвиненија за наводен обид да го поништи исходот од изборите во 2020 година, вели дека имал „апсолутно право“ да се меша во изборите.

„Кој некогаш слушнал дека може да бидете обвинети за мешање во претседателски избори, кога имате целосно право да го направите тоа“,

изјави Трамп за Фокс њуз.

Трамп, кој повторно е републикански кандидат на претседателските избори, не кажа дали безусловно би ги прифатил резултатите од изборите на 5 ноември доколку победи неговата ривалка од Демократската партија, актуелната потпретседателка Камала Харис.

Американските обвинители минатата недела поднесоа нови обвиненија против поранешниот претседател Доналд Трамп поради неговите наводни обиди да се меша во изборите во 2020 година. Всушност, се работи за ревидирано обвинение кое претходно беше отфрлено, односно за одговор на минатомесечната одлука на Врховниот суд на САД според која претседателите се заштитени со имунитет и не можат да бидат кривично гонети додека се на функција.

Ревидираното обвинение ги содржи истите четири кривични точки против Трамп, но тие сега се однесуваат на неговиот статус како политички кандидат, а не на претседател. Трамп ги отфрли обвинувањата за мешање во изборите, иако остана на своето тврдење дека имало фалсификат на изборите во 2020 година, пишува Би-би-си.

Така, американскиот милијардер повторно беше обвинет за „заговор против американските институции“ и „напаѓање на правото на гласачите“ за притисок врз локалните власти на неколку сојузни држави да ги поништат официјалните резултати од изборите на кои победи демократскиот кандидат Џо Бајден.

- Реклама -