Мицкоски за укинувањето на Центарот за македонски јазик во Грција: Тоа е уште еден доказ дека за добрососедството се грижиме само ние

Во однос на евентуална реакција од македонска страна, Мицкоски рече дека нема да реагираме како во минатото и нема да дозволиме да бидеме вовлечени во внатрешнополитичките расправи на нашите соседи

Веста за укинувањето на Центарот за македонски јазик во Грција од тамошните судски власти премиерот Христијан Мицкоски ја оценува како уште показател дека за добрососедството се грижи само нашата страна.

Премиерот Христијан Мицкоски одговара на новинарски прашања по посетата на ОУ „Стив Наумов“ / Фото: Принтскрин

Премиерот, одговарајќи денеска на новинарско прашање дали има информација за затворањето на Центарот и дали ќе има реакција од македонската влада, рече дека е свесен оти се потребни провокации чија цел е да предизвикаат реципрочна реакција од наша страна која е во спротивност со стратегиските интереси на земјава.  

„Апсолутно, тоа е уште еден показател дека за добрососедството се грижи само нашата страна, но тоа нема да нè обесхрабри. Јас сум свесен дека таму се потребни провокации за ние исто така рецирпочно да изреагираме и ние да направиме нешто што нема никаква врска со нашите интереси, односно остварување на нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство во Европската Унија“,

изјави Мицкоски по денешната посета на ОУ „Стив Наумов“ по повод првиот училиштен ден од новата учебна година.

Минатата недела грчки медиуми објавија дека Центарот за македонски јазик во Грција, кој беше регистриран пред две години, се укинува со одлука што ја донел Апелацискиот суд на Западна Македонија (дел од областа Македонија во северна Грција).

Според нив, ова е епилогот по тужбите и приговорите кои беа поднесени веднаш откако здружението беше регистрирано од Основниот суд во Лерин.

Одговарајќи на прашањето во врска со случајот, премиерот Мицкоски кажа дека нашите партнери од Европската Унија уште еднаш можат да сведочат на непочитување на договореното од страна на нашите соседи.

Но, како што додаде, нашинците ја имаат нашата поддршка, а тие како политичари можат да дадат логистика, споменувајќи го во тој контекст Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

„Јас сум свесен дека тие ќе се вадат дека тоа е судска одлука итн. Но, нашинците ја имаат нашата поддршка и ќе ги поддржиме во барање на нивното право и ние како политичари можеме да дадеме логистика, тука е Европскиот суд за човекови права, така што тие ќе ја имаат апсолутно нашата поддршка“,

рече премиерот.

Во однос на евентуална реакција од македонска страна, Мицкоски рече дека нема да реагираме како во минатото и нема да дозволиме да бидеме вовлечени во внатрешнополитичките расправи на нашите соседи.  

„Ние нема да реагираме како во минатото, ние сме свесни дека сè ќе дадат нашите соседи да не вовлечат во нивната внатрешна политичка расправа и ќе ја направат Македонија како тема, но ние сме одговори и зрели и нема да дозволиме. Имаме наша цел, имаме наш интерес и одиме кон реализирање на истиот“,

порача премиерот.

Инаку, во веста што ја пренесе demokratia.gr со тенденциозен наратив кој провејува во неа, се вели дека со пресудата Апелацискиот суд ја укинал пресудата на Основниот суд во Лерин, со кој било дозволено словенски дијалект да се учи како македонски јазик во Грција.

Центарот за македонски јазик во Грција беше регистриран како невладина организација на 28 јули 2022 година. Тогаш, всушност, беше одобрено барањето за негова регистрација од страна на властите во Грција, а одлуката беше објавена во билтенот за судски одлуки и публикации неколку месеци подоцна, поточно на 7 ноември, истата година.

Како особено значаен момент тогаш беше наведено дека во документацијата на судот, организацијата официјално се наведува со нејзиниот назив на на македонски јазик користејќи го притоа македонското кирилско писмо.

Одлуката за регистрација, како што соопштија тогаш од Центарот, претставува прво официјално признавање на македонскиот јазик во Грција од државните органи после пописот на населението во Грција спроведен во 1920 година.

Официјалното регистрирање на Центарот за македонски јазик во Грција, тогаш го поздрави премиерот Зоран Заев, кој рече дека тоа се плодовите на Договорот од Преспа.

Сепак, по кратко време почнаа да се редат информации за поднесени тужби до Основниот суд во Лерин поради регистрирањето на здружението, кои беа одбиени од овој суд.

- Реклама -