Протестот на СДСМ беше фијаско, наставниот кадар не наседна на нивното политиканство – велат од ВМРО-ДПМНЕ

Од владејачката партија велат дека наставниците знаат оти СДСМ се лицемерни бидејќи за времето на нивното владеење кое заврши пред два месеци можеле да ги зголемат платите, но тоа не го направиле

Денешниот собир на просветни работници пред Министерството за образование и наука кој беше организиран од опозициската СДСМ, за ВМРО-ДПМНЕ е фијаско во кое учество земале само дваесетина партиски активисти, со што се покажало дека лидерот на партијата, Венко Филипче ја нема поддршката ниту од своите членови, а не пак на народот.

Оттаму велат дека наставниот кадар не наседнал на политиканството на СДСМ и оти фактите и реалноста се дека токму таа партија владееше до пред два месеци и оти имале можност да ги зголемат платите на наставниците, но не го сториле тоа, што пак, како што велат, значи дека СДСМ е лицемерна партија.

„Кој го излизга Филипче со идејата за протест е нешто на кое што треба да си бара одговори самиот.Кога СДС беа на власт платите доцнеа, направија хаос со програмите, ги деградираа наставниците. Сега сето тоа е различно ВМРО-ДПМНЕ го враќа дигнитетот на наставниот кадар, а платите ќе се зголемат од март 2025 година. Наставниците ја гледаат посветеноста на ВМРО-ДПМНЕ“,

рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов.

Денеска, со пораките „Нема оправдувања“, „Зголемете ги платите“, „Наставниците тоа го заслужуваат“, учесниците на собирот на наставници и просветни работници побараа од Владата зголемување на нивните плати. Собирот го организираше Комисијата за образование и наука на СДСМ и се одржа пред зградата на Министерството за образование и наука.

Пари има, рекоа учесниците на собирот, но прашањето е, оценија, кои се приоритетите. 

„Одговорност на власта е да ги зголеми платите на наставниците, во септември за 12 отсто. Ако можеше за седум години секоја година да се зголемува платата на наставникот нема оправдување сега да не се зголемат. Законска обврска мора да се почитува“,

рече наставничката Розалија Ангеловска.

Нејзиниот колега Петре Трајковски рече дека образованието мора да биде приоритет и оти власта треба да ги промени погрешните политики.

„Од овој септември платите на просветните работници требаше заради законско усогласување да бидат зголемени за 12,15 отсто односно во просек да се зголемат за 4 300 ден. Ветувања за подобри услови за живот, поголеми плати, наставниците добиваа и од актуелната министерка Весна Јаневска кога беше опозиција. Седна во удобната фотелја и заборави на наставниците. Евентуално вели во март наредната година“,

рече Трајковски.

- Реклама -