Пожари во руски енергетски постројки по украински напад со беспилотни летала

Според руското Министерство за одбрана, повеќе од 158 украински беспилотни летала биле насочени кон 15 региони на земјата, вклучувајќи го и главниот град Москва

ФОТО: Принтскрин

Украина во текот на ноќта започна бран напади со беспилотни летала врз Русија, предизвикувајќи пожари во две руски енергетски постројки, пренесува британскиот национален сервис Би-би-си.

Според руското Министерство за одбрана, повеќе од 158 украински беспилотни летала биле насочени кон 15 региони на земјата, вклучувајќи го и главниот град Москва.

Руската војска тврди дека овие дронови биле пресретнати и уништени.

Но, како резултат на нападот, избувнал пожар во нафтена рафинерија во Москва во „посебна техничка просторија“, рече градоначалникот на градот.

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин објави дека најмалку 11 беспилотни летала биле насочени кон главниот град и околните области.

Според пишувањата на Би-би-си, на 120 километри од главниот град на Русија, во регионот Твер, се слушнале силни експлозии во близина на електраната „Конаково“, а руските медиуми јавуваат за пожар во објектот.

Гувернерот на регионот, Игор Рудења, призна дека пожарот предизвикан од напад во областа Конаковски е локализиран, без да даде детали за тоа што било погодено.

Локалните власти, исто така, рекоа дека беспилотните летала се обиделе да ја нападнат електраната „Кашира“ во регионот на Москва – но дека како резултат на тоа немало пожари, штети или жртви.

Денешниот напад со беспилотни летала доаѓа неколку дена откако Русија ја нападна енергетската инфраструктура на Украина со повеќе од 200 беспилотни летала и проектили во еден од најголемите напади од ваков вид од почетокот на војната.

Исто така, доаѓа речиси еден месец откако Украина тргна во офанзива во рускиот регион Курск, додека руските трупи продолжуваат со постепеното напредување во источна Украина.

- Реклама -