Почна вакцинацијата на децата против полио во Појасот Газа, се очекуваат паузи во војувањето

Кампањата следи по откривањето на првиот потврден случај на детска парализа во последниве 25 години во Газа, при што експерт на ОН рече дека најверојатно ќе се заразат повеќе деца и дека може да има поширока регионална епидемија ако не се справат со вирусот

ФОТО: Веб-страница на Обединети нации

Агенциите на ОН и локалните здравствени власти во Појасот Газа започнуваат кампања за вакцинирање на 640 илјади деца против детска парализа.

Кампањата ќе се одвива во фази од по три дена. Ќе почне во централна Газа, ќе продолжи во јужна и на крајот ќе се спроведе во северна Газа, а додека трае таа се очекува да има „хуманитарната пауза“ во војувањето во одредените региони.

„Тимови од Министерството за здравство, УНРВА и невладините организации денеска ја почнаа кампањата за вакцинација против детска парализа во централниот Појас Газа“,

изјави официјалниот претставник на палестинското Министерство за здравство, д-р Муса Абед.

Од ОН ги повикуваат сите страни да ги прекинат борбите за да им овозможат на децата и семејствата безбедно да пристапат до здравствените установи, а работниците да стигнат до децата кои не можат да пристапат до здравствените установи за вакцинација против детска парализа.

За да бидат ефикасни, Светската здравствена организација (СЗО) вели дека најмалку 90 отсто од децата под 10 години мора да бидат имунизирани во кратка временска рамка.

Кампањата следи по откривањето на првиот потврден случај на детска парализа во последниве 25 години во Газа, при што експерт на ОН рече дека најверојатно ќе се заразат повеќе деца и дека може да има поширока регионална епидемија ако не се справат со вирусот.

ОН имаат испратено 1,2 милиони вакцини, а според најавите наскоро се очекува да пристигнат уште дополнителни 400 илјади дози на вакцини.

Поради оштетените патишта и раселеното население, ОН најавија дека може да биде потребен дополнителен ден за секоја област.

Договорот предвидува хуманитарната пауза да трае секој ден од рано наутро до рано попладне, а по можност и да се продолжи.

- Реклама -