Вучиќ: Побарав конкретна и недосвмислена реакција од Европската унија за потезите на Приштина

Српскиот претседател остварил средба со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог на Белград и Приштина, Мирослав Лајчак на кого му пренел дека Србија е загрижена поради ситуацијата на Косово

Побарав конкретна, недвосмислена реакција од Европската унија и од земјите членки, а не само осуда на ваквите потези на Приштина, рече српскиот претседател Александар Вучиќ за вчерашната акција на косовската полиција во која беа затворени локалните самоуправи во четири општини на северот од Косово каде живеат мнозинство Срби.

Вучиќ вели дека побарал од меѓународниот фактор да обезбеди заштита на Србите кои живеат на Косово и да спречи понатамошни акции на косовските власти кои не биле разговарани со ЕУ или со САД.

„Србија останува одговорен партнер на ЕУ во процесот на нормализирање на односите со Приштина, но ќе ги искористи сите достапни дипломатски средства за да го спречи теророт врз нејзиниот народ“,

кажа Вучиќ.

Вучиќ пораките за загриженост му ги пренел лично на специјалниот претставник на ЕУ за дијалог на Белград и Приштина, Мирослав Лајчак во Прага на маргините на Регионалниот безбедносен форум.

По вчерашните случувања, утринава, припадниците на мисијата КФОР формираа кордон на Ибарскиот мост во Митровица со опрема за разбивање на демонстрации.

На мостот се забележува засилено присуство на италијански карабинери а распоредени се и неколку блиндирани возила. На јужната страна на мостот кој го спојува северниот дел на градот населен со мнозинство Срби, и јужниот дел населен со мнозинство Албанци има и неколку возила и припадници на КФОР.

Претходно денеска, Европската Унија изрази разочарување од континуираната некоординација на Приштина со меѓународните партнери и оти акцијата на полицијата за затоврање на српските институции ја загрозува кревката безбедносна ситуација на теренот.

- Реклама -