Агенцијата за храна и ветеринарство изрече казни за месарница и супер маркет во Скопје и ресторан во Битола

Казните се изречени по претходни контроли при кои биле утврдени низа нерегуларности во работењето на субјектите

Месарница и познат супер маркет во Скопје добија казни поради пласирање небезбедна храна, односно невршење лабораториски тестирања, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство. Оттаму велат дека за месарницата се изречени глоби од 600 и 300 евра во денарска противвредност, додека пак супер маркетот доби казна од 1 000 евра за правното лица и 400 евра за одговорното лице поради продажба на небезбедна храна, т.е храна без и со нечитки декларации и невршење на задолжителни лабораториски тестирања.

„Истиот оператор дополнително е казнет со иста казна ( 1000 евра за правното и 400 евра за одговорното лице ) бидејќи продавал и производи и материјали кои доаѓаат во конткат со храната без за тоа да има добиено одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство“,

се вели во соопштението.

Во заедничка акција на АХВ со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Државниот трудов инспекторат, во текот на вчерашниот ден, поради продажба на недекларирано месо е казнет и ресторан во Битола.

„Поради продажба на недекларирано месо од различни видови и категории,  пласман на неозначена храна и продажба на храна со поминат рок, на ресторан во овој град изречена му е прекршочна санкција и издадено му е решение за отстранување на утврдени недоследности“,

велат од АХВ.

- Реклама -