Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа – Скопје нема да добие нови екоавтобуси

„За да повеќе нема оправдувања, јас од оваа говорница нема да се тргнам сѐ додека не кажете каква одлука сакате, ќе ги прифатам сите амандмани, подготвени сме да направиме и ребаланс на Буџетот, за да гласате. Тоа е единствениот начин денеска да знаеме кој сака да се реши проблемот со јавниот превоз во Град Скопје, а кој не“, рече градоначалничката пред предлог-одлуката да не биде изгласана

Набавката на нови екоавтобуси за Скопје и денеска не беше изгласана од советниците во Град Скопје.

На денешната седница на Советот на Град Скопје, „за“ набавката на нови автобуси гласаа 20 советници, петмина беа „воздржани“, а никој не се изјасни „против“. Дел од советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не гласаа, а некои од нив беа воздржани.

За оваа одлука да биде усвоена требаше да гласаат 23 советници.

Откако советниците од другите политички партии рекоа дека ќе ја гласаат одлуката за набавка на нови екоавтобуси, за збор се јави претседателот на Советот од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, кој рече дека нема да ја гласа одлуката затоа што во буџетот за 2024 немало пари за оваа намена, а не се знае каков ќе биде буџетот за 2025.

„Ниту во буџетот за 2024 година, ниту со ребалансот не се определни средства за набавка на автобуси. Ваква предлог-одлука би имала смисла откако ќе го изгласаме буџетот за 2025 година во кој ќе има определно ставка и сума за набавка на автобуси. Како може да носиме сега предлог-одлука за набавка на автобуси, а нема средства за тоа. Мора да имаме подлога, мора да имаме буџет. Лично, мислам дека не постои никаква оправданост сега“,

рече Славески.

Љубица Јанчева од СДСМ нагласи дека сега точката за која треба да се гласа не е кредитно задолжување за набавка на автобуси, туку сега предлог-одлуката е потреба за почнување постапка за набавка на нови возила.

„Набавката не оди од денеска за утре. Можеби во претстојниот буџет за 2025 година ќе бидат планирани средства и тоа не за сите автобуси затоа што не може да се направи од еден буџет“,

рече Јанчева.

Реплика на Славески имаше и градоначалничката Данела Арсовска, која му рече да се формира комисија за спроведување на постапката, а тој како поранешен министер за финансии да предложи со ребаланс да се пренаменат средства, само да престане блокадата.

„Побаравте наместо од задолжување автобуси да се набават од сопствено финансирање, сега барате и конкретен извор. Ви дадовме можност да одберете банка, да изготвите спецификација, да оформите комисија и слично, сѐ да направите вие, а јас само да ја потпишам таа јавна набавка. За да повеќе нема оправдувања, јас од оваа говорница нема да се тргнам сѐ додека не кажете каква одлука сакате, ќе ги прифатам сите амандмани, подготвени сме да направиме и ребаланс на Буџетот, за да гласате. Тоа е единствениот начин денеска да знаеме кој сака да се реши проблемот со јавниот превоз во Град Скопје, а кој не“,

рече Арсовска.

Таа додаде дека скопјани ова не го заслужуваат, и рече дека пред советниците на денешната седница има предлог-одлуки и програми кои не се гласаат веќе осми месец, а никој нема забелешки за нив.

„Ако има забелешка, се дава амандман, кажете што не чини за да се коригира. Ќе седиме 24 часа тука, ќе работиме и ќе ја завршиме документацијата онака како што на вас ви одговара“,

додаде Арсовска.

Таа рече дека нема друго објаснување освен дека си играат мајтап и сакаат хаос во јавниот превоз.

Советникот Мартин Стојановски ѝ одговори на градоначалничката дека изјавите што ги дава оти некој бојкотирал или не, е само еден обичен пиар.

Стојановски побара одговор од Арсовска како ќе го реши проблемот со немањето автобуси од втори септември.

„Во понеделник е втори септември, децата почнуваат со училиште, речиси сите се враќаат на работа и еве ви бел лист и напишете, кажете како ќе го решите превозот на 2 септември затоа што вие овде што го зборувате е за набавка на автобуси. Тоа е за една година од сега“,

рече Стојановски.

Минатата недела градоначалничката Арсовска беше на средба во Владата со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински. По средбата Перински рече дека Арсовска до четвртокот требаше да изработи план за тоа како да се поправат состојбите во Градот и во јавните претпријатија и тој план да биде презентиран пред Советот, по што Владата ќе би видела на кој начин ќе може, согласно законските можности, да помогне во негова реализацијата.

Арсовска, по средбата, даде краток осврт на нејзиното гледиште на прес-конференцијата на Перински, за која кажа дека се согласува само со неговиот генерален заклучок – дека советничките групи во рамки на Градот Скопје немаат меѓусебна комуникација, што според градоначалничката е добар показател дека Мицкоски се обидува да ги поправи грешките на своите сопартијци, чии постапки наликувале на политички циркус за добивање политички поени.

Средбата е прва по преземањето на премиерската функција на Мицкоски, но и прва средба за која јавноста е запознаена по расколот во 2022 година меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, чија поддршка ја доби на локалните избори една година претходно.

Ова следува откако премиерот им даде „разумен рок на Арсовска и претпријатијата да почнат со работа“ пред Владата да им ги предаде ингеренциите на скопските општини на ЈП „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, како што неодамна едногласно побараа скопските градоначалници.

Советот на Град Скопје на денешната седница не ја донесе Одлуката за давање согласност за склучување на договор за имплементација на проектот воведување на Брз автобуски превоз (БРТ) во Град Скопје. „За“ одлуката гласаа 14 советници, четворица беа „против“ и двајца воздржани. Против оваа одлука гласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, од Зелен хуман град и Левица.

- Реклама -