(Не)законитоста во назначувањето на Сашко Лафчиски за началник на Генералштабот на Армијата

Со оглед на тоа што Лафчиски не ги исполнувал условите за редовно унапредување, дилема отвора четвртиот услов за предвремено унапредување од член 61, став 2 од Законот за служба во АРСМ, кој вели дека офицерот мора да биде „предлог на два кадровски совети на ниво бригада или повисоко“. Јавно не е достапна информација дали и кога Лафчиски бил предлог на два кадровски совета. Затоа, „360 степени“ упати барање за слободен пристап до информации од јавен карактер до кабинетот на претседателката на државата и до Министерството за одбрана да ни достават фотокопии од записниците од состаноците на кадровските совети на кои Лафчиски бил предложен да биде унапреден во повисок генералски чин

А без да биде вонредно унапреден во генерал-мајор, Лафчиски не можел да биде поставен за началник на Генералштабот на Армијата затоа што така е пропишано во актот за формација кој го донесува шефот на државата

По реакциите на дел од политичките партии и пишувањата во медиумите дека унапредувањето на Сашко Лафчиски и неговото именување за началник на Генералштабот на Армијата се извршени незаконски, од кабинетот на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, во одговор на прашања од „360 степени“, ги негираат ваквите тврдења.

Сашко Лафчиски, унапреден во генерал-мајор и поставен за началник на ГШ на АРСМ / Фото: Архива

Лафчиски официјално стана началник на Генералштабот на АРСМ на 18 август, кога на свеченоста во Охрид по повод Денот на Армијата го развиори знамето што ја симболизира функцијата, а кое му го предаде претседателката Сиљановска-Давкова. Само неколку часа подоцна од Алијанса за Албанците на Зијадин Села излегоа со реакција во која го проблематизираа неговото назначување велејќи дека тој неправедно и незаконски го зазел местото што требало да му припадне на офицер Албанец.

Ставот на Алијанса го пренесе потпретседателот на партијата и поранешен министер за правда Кренар Лога кој, меѓу другото, наведе дека Лафчиски не ги исполнува потребните услови за оваа позиција, односно дека бил четири нивоа под стандардите кои се бараат за шеф на Генералштабот.

Во меѓувреме, од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) потврдија дека отвориле предмет во врска со поставувањето на Лафчиски за началник на ГШ на АРСМ, по пристигната претставка.

„Имаме отворено предмет и тој е распореден кај член на ДКСК. Стигната е претставка и отпочната е постапка за обезбедување документи за проверка на наводите“,

ни изјави претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска.

Општ одговор од кабинетот на Сиљановска-Давкова

Од кабинетот на Сиљановска-Давкова тврдат дека постапиле законски.

„При спроведувањето на своите надлежности претседателката Гордана Сиљановска-Давкова секогаш се води од Уставот и законите. Така е и при поставувањето на новиот началник на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кој е поставен на должноста согласно позитивните законски прописи“,

се вели во кусиот одговор на нашите прашања од кабинетот на претседателката на државата.

Покрај одговор на информациите пласирани во јавноста дека Лафчиски незаконски е унапреден и поставен за началник на Генералштабот, од кабинетот на Сиљановска-Давкова побаравме да ги посочат конкретните законски одредби според кои е направено неговото вонредно унапредување и поставување за началник на Генералштабот на АРСМ.

Но, како што може да се види погоре, во одговорот од кабинетот нема повикување на конкретни законски одредби според кои е донесена одлуката.

Зошто ги баравме овие информации?

Законски услови за вонредно унапредување

Унапредувањето на офицерите е регулирано со членот 61 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија. Во став 1 од овој член се вели дека офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин ако во чинот што го има поминал најмалку:

  • во чин потпоручник…………………………две години,
  • во чин поручник………………………..четири години,
  • во чин капетан………………………………шест години,
  • во чин мајор……………………………………пет години,
  • во чин потполковник………………………..пет години,
  • во чин полковник……………………….четири години,
  • во генералските чинови……………………три години.
Членот 61 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија

Последното се однесува на новиот шеф на Генералштабот и ако се земе предвид кога Лафчиски бил унапреден во бригаден генерал, а потоа во генерал-мајор, може да се забележи дека тоа се случило во период пократок од три години.

Имено, според објавите во „Службен весник“, Лафчиски е унапреден од полковник во бригаден генерал на 17 август 2022 година.

Принтскрин од указот за унапредувањето на Сашко Лафчиски во чин бригаден генерал од август 2022 г.

На 15 август годинава претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со указ го унапредува Лафчиски од бригаден генерал во генерал-мајор. Следниот ден на 16 август претседателката го разрешува Васко Ѓурчиновски од началник на Генералштабот и на негово место го поставува Сашко Лафчиски.

Сите три укази, вклучувајќи го и оној од 15 август, со кој Лафчиски се унапредува од бригаден генерал во генерал-мајор, се со напомена да се извршат на 18 август 2024 г.

Принтскрин од „Службен весник“ со указите за унапредување и поставување на Лафчиски за началник на ГШ на АРСМ

Дека новиот шеф на Генералштабот на Армијата предвреме го качил скалилото во генералската хиерархија е неспорно, но дали е тоа и противзаконски.

Во истиот член 61 од Законот за служба во Армијата, став 2 вели:

„Офицер може да се унапреди во непосредно повисок чин една година порано од времето утврдено во ставот (1) на овој член, само ако:

-три пати последователно е оценет со степен „особено се истакнува”, по сите критериуми од членот 52 став (1) од овој закон,

– извршува командна или раководна должност,

– постигнува исклучителни резултати во командувањето или раководењето и

– е предлог на два кадровски совети на ниво бригада или повисоко“.

Првиот услов од овој став не важи за Лафчиски бидејќи, според членот 52 од Законот, офицерите со генералски чинови не се оценуваат.

Дилема за законитоста на вонредното унапредување отвора четвртиот услов кој вели дека офицерот мора да биде „предлог на два кадровски совети на ниво бригада или повисоко“.

Јавно не е достапна информација дали и кога Лафчиски бил предлог на „два кадровски совети на ниво на бригада или повисоко“.

Со оглед на тоа што од кабинетот на Сиљановска-Давкова не добивме одговор на кои законски одредби конкретно го темели вонредното унапредување на Лафчиски, „360 степени“ упати барање според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер до кабинетот на претседателката на државата и до Министерството за одбрана да ни достават фотокопии од записниците од состаноците на кадровските совети на кои Сашко Лафчиски бил предложен да биде унапреден во повисок генералски чин.

Законскиот рок за одговор од двете институции истекува на 10 септември.

Без унапредување во генерал-мајор, Лафчиски не можел да стане началник на ГШ на АРСМ

Вонредното унапредување на Лафчиски во генерал-мајор, пак, е клучен предуслов за тој да биде поставен за началник на Генералштабот на Армијата.

Во актот за формација што го донесува шефот на државата е предвидено дека за началник на Генералштабот може да биде поставен офицер со чин генерал-потполковник односно генерал. Правилата велат дека на позицијата може да дојде и некој со едно скалило понизок чин (генерал-мајор) под услов да биде унапреден во наредниот чин штом за тоа се создадат законски услови.

Така што, Сашко Лафчиски не би можел да стане началник на ГШ ако не бил унапреден во генерал-мајор, а не би можел да биде унапреден во генерал-мајор ако не бил предлог на „два кадровски совети на ниво на бригада или повисоко“. Ги чекаме доказите од претседателот на државата и од Министерството за одбрана дека бил.

- Реклама -